Мултимедијална изложба во МКЦ: „Вита“ ја истражува женственоста

Мултимедијалната изложба „Вита“, поставена во горното фоаје на МКЦ, по концепт и во режија на Филип Петковски го критикува објективизирањето на женското тело и ја истражува женственоста и комплексноста на човечката емоција.

Проектот вклучува краток филм во режија на Филип Петковски, авторски фотографии на Жарко Чулиќ, како и фотографии направени од непознати фотографи од првата половина на 20 век. Црно-белите фотографии се едни од најраните извори кои ја прикажуваат модата во тоа време, укажуваат на една поинаква естетика диктирана од социјалните норми на патријархалното општествено уредување и даваат една поинаква визија за концептот женственост. Фотографиите на изложбата ги прикажуваат субјектите во различни секојдневни ситуации или социјални збиднувања.

Костимите на сликите се носии за невести или девојки од различни краеви на Македонија кои сопствениците рачно ги изработувале, а тој процес некогаш траел и до две години. Костимите што се користени за изложбата се дел од приватните колекции на Филип Петковски, Антонио Стојчески и Ване Наков, додека како модели на фотографиите се појавуваат Наталија Теодосиева, Ана Мојсовска, Слаѓана Вујошевиќ, Анастасија Данчевска, Мими Поп-Алексова, Симона Спировска, Наташа Петровиќ и Долорес Поповиќ.

Авторот на концептот за изложбата, Филип Петковски, е докторанд на Катедрата за светска уметност, култура и танц на Универзитетот во Лос Анџелес, Калифорнија (УКЛА), каде што работи и како асистент и предава предмети поврзани со танц и изведбени уметности. Жарко Чулиќ е фотограф, кој во последниве неколку години се фокусира на модна фотографија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 54, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 октомври – 1 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот