Мухамед Халили: Суштината во македонско-бугарскиот спор не е во потпишувањето, туку во различито толкување на потпишаното

Мухамед Халили, Фото: Архива

Амбасадорот Мухамед Халили на годишното Собрание на Советот на амбасадори вчера беше избран за негов претседател.  За потпретседатели се избрани амбасадорките Елеонора Петрова и Александра Наќева Ружин. Во Извршниот одбор влегуваат и амбасадорите Љупчо Арсовски, Ѓорѓи Филипов, Азис Положани, Тихомир Илиевски, Ѓорѓи Спасов и Зоран Јолевски.

Едногласна оценка на амбасадорите е дека со голема поддршка на македонските медиуми, Советот на амбасадори, за релативно кус период се промовира во јавноста со објективност, јасни гледишта и ставови низ принципиелен пристап за да информира непосредно во еден простор кој досега не бил соодветно и на ваков начин презентиран.

Од тие причини, Слободен печат направи интервју со новоизбраниот претседател Мухамед Халили во кое тој зборува меѓу другото и за актуелната дипломатска битка за членство на Македонија во ЕУ, како и за спорот со Бугарија.

Господине Халили честитки за изборот за претседател на Советот на Амбасадори. Можете ли да ни кажете која е улогата на оваа организација и кои се целите и задачите во наредниот период?

– Благодарам многу на честитките. Советот на Амбасадори е независно, непрофитабилно здружение на амбасадори и поранешни министри за надворешни работи кое е основано со цел да помогне во креирањето и успешното имплементирање на надворешната, регионална и меѓународна, билатерална и мултилатерална политика, ЕУ и НАТО интеграциите на Република Северна Македонија, преку поддршка и предизвикување на институците надлежни за креирање на надворешната политика, да носат праведни и квалитетни одлуки, засновани врз база на сестрани и квалитетни анализи.

Што се однесува до идните активности во оваа насока Советот на Амбасадори е спремен да биде во функција на националните интереси на државата. Имавме разработена програма за посета на Американскиот совет на Амбасадори во октомври минатата година, но се одложи поради пандемијата и се надеваме дека ќе се реализира после кризата.
Воспоставивме линија на соработка со Советот на албанските амбасадои. На план е прошрување на соработката со Советот на италијанскте, турските амбасадори, одржување на он лајн конференции по разни прашање, продолжување на соработката со дипломатскиот кор во земјата и институциите на државата и др.

Во овој кус период на постоење Советот се наметна како објективен набљудувач, но и критичар на општествената и политичката стварност. Јавноста и медиумите се чини со респект ги очекуваа вашите ставови по актуелни теми важни за државата и регионот. Сепак успеавте ли да имате некакво влијание врз активните партиски и државни субјекти?

– Во недостаток на креативна опозиција во нашата држава медиумите се главниот фактор и двигател на борбата против негативните појави во општеството како што се непотизмот, партизацијата, организираниот криминал, инструментализација на судството, корупцијата и низа други негативни појави.

Во тој кус период, како што и Вие наведувате, ние ја имавме и вистинската голема поддршка на медиумите и ако тоа може да го квалификуваме како успех, тогаш тоа е заеднички, наш и на медиумите.

На самиот почеток на нашето дејствување поголемиот број институции беа кооперативни кон Советот, иако имаше и такви кои имаа одбивен однос кон нас. Сепак респектот и влијанието од страна на државните институции се на многу повисоко ниво, одошто од страна на политичките партии. Имам личен впечаток дека политичките партии и нивните структури се „народни„ само во предизборието, додека потоа тие се бирократизираат до таа мерка што сонуваат да командуваат со народот, да го потценуваат до таа мерка што не ги почитуваат дури и реалните потреби на граѓаните и се сметаат себе си за нешто повисоко од граѓаните.

Господине Халили, составот во Советот на амбасадори е навистина респектабилен, во него се наоѓаат искусни дипломати, можете ли да помогнете некако во надминување на оваа пат позиција во односите со Бугарија во која се најдовме?

– За жал кај нас искуството не се цени многу. Политиката и дипломатија се сплотување на школувањето и искуството. Во нашите редови многумина амбасадори се со одличен беграунд и искусни професионалци во дипломатијата. Има меѓу нас кои ги познаваат одлично приликите во Бугарија. Уште од времето на Тодор Живков сè до денешните денови. Тие го знаат историјатот на македонско-бугарските недоразбирања. Тие знаат и како да се надмине проблемот. Ние другите имаме друго искуство: како да ги решаваме проблемите преку медијација. Практикувањето на двете искуства сигурно ќе даваше и поголеми резултати.

Според мое мислење (можеби некој и не се сложува со ова) дипломатијата во последните пет години е водена на погрешна насока и со погрешни методи, иако круната на тие активности беше Преспанскиот Договор, што е за почитување. Таа беше премногу индивидуализирана и се потпираше на два столба, заборавајќи го фактот дека дипломатијата е колективна работа, затоа има и своја мрежа.

Целата таа реторика на владини успеси беше всушност декларативна и се потпираше на изјавите од типот: „ги затопливме меѓусоседските односи, потпишавме Меморандум за добрососедство, направивме ово и она“, а суштината во македонско-бугарскиот спор излезе дека не е во потпишувањето, туку во различито толкување на она што е поптишано. Од сето тоа научивме дека побратимувањето не претставува ништо во политиката туку , како што Черчил се изразил, интересите се вечни.                                                                                                                                             Лично сметам дека именувањето на една личност за специјален претставник за решавање на проблемот не претставува ништо во отсуство на именуван амбасадор во таа земја. Македонско-бугарскиот спор не е само спор чиј е Гоце Делчев како што пренесуваат кабловските медиуми, туку подлабок и поширок геополитички спор на економско, воено, политичко, инвестицијско влијание во регионот, културен спор, и др.

Како ја цените сегашната водечка дипломатска гарнитура предводена од Бујар Османи и Никола Димитров и стратегијата што ја применуваат?

– Прво не знам дали има заедничка национална стратегија во надворешните работи, оти стратегијата е долгогодишен процес на применување на една визија, план, програма.

На почетокот на својот мандат Никола Димитров состави еден тим, во кој бев вклучен и јас, за пишување на стратегијата. И тогаш приметив дека некои негови соработници кој тој ги сметаше за „најпаметни„, не беа склони да почитуваат идеи и мислења различни од нивните. И јас сега не знам дали таа стратегија доби своја завршница или не. Димитров како дипломат знае дека настанатите проблеми се решаваат онаму каде настанале, а не само во Брисел. Затоа верувам дека работи во добра насока. Неговата слабост беше што или не сакаше да соработува подлабоко со Совет на Амбасадори или не веруваше во нашите капацитети. И така ние останавме настрана со едно куртоазно ветување на надеж за добра соработка.

Според мое мислење, иако добар дипломат, тој го занемари бугарскиот ризик за блокада кој се појави уште во март минатата година на Загребскиот Самит, нарекувајќи го како билатерален, што во суштина и е, но со погрешна проценка дека не може да има рефлексии кај другите земји членки на Унијата и дека може да го блокира процесот. Сега во последно време гледам дека кај него постои извесен скептицизам во однос на одредени ставови на некои земји членки на Унијата во однос на нивната реална поддршка на нашиот пат кон ЕУ.

Бујар Османи доаѓа на местото шеф на дипломатијата со претходно исксуство со евроинтеграциите кои мислам дека успешно ги водеше. Тој е имагинативна и креативна личност, трага по новини, прифаќа соработка, но зад себе има само неколку месеци дипломатски стаж и за тоа време не може никој да очекува чуда. Некои критичари се обидуваат дел од вината за сегашните неуспешни обиди за „братско помирување„ со Бугарија да ја префрлат на негова сметка, но тоа не држи бидејќи тој и не бил роден кога се родил македонско-бугарскиот проблем.

Мислам дека и едниот и другиот имаат дипломатски капацитет успешно да ја водат надворешната политика и патот кон евроинтеграциите, но многу работи не се исклучиво во нивната моќ оти има други појаки фактори, дури и геополитички.

Речиси сите од вас за време на своите мандати, повеќи или помалку, работеле на меѓународно позиционирање на Македонија и во Европа и во САД. Сега имаме застој. Освен Бугарија како причина, дали и ЕУ не е веќе истата кога станува збор за проширувањето?

– Проблемот со Бугарија многу ми личи на описот на настаните во расказот на Веркор „Молкот на морето„. Според расказот кога нема плими и осеки морето на површина изгледа мирно, но во длабочина има невидлив жив свет и активности. Три децении мислевме дека со Бугарија односите ни се нај-нај, во 1999 „како браќа“ ни поклонија 145 неподвижни руски тенкови исфрлени од употреба согласно НАТО стандардите за кои на Железара и плативме илјадници евра да ги стопи; секогаш беа за Македонија во НАТО и ЕУ, и одеднаш, стана проблем. И тоа не ми е јасно: како големата братска лубов ненадејно се претвори во внатрешен меѓусебен гнев?

Што се однесува за второто: ЕУ веќе не е истата кога станува збор за проширувањето. Сега многу јасно се гледа дека синтагмата „На Западен Балкан местото и е во ЕУ“ не го одразува тоа што во наше отсуство го дискутираат лидерите на земјите кои одлучуваат по тој проблем и оттука доаѓаат понудите од нивна страна за привилегирано партнерство, балкански мини- Шенген, реформи во ЕУ и др. Едноставно во нивни очи ние како Западен Балкан сме регион на немири, војни, кавги, корупција, дрога, сиромаштија, партизација, непотизам, злоупотреба на судскиот систем. И тоа тие го изразуваат со поставување на услови и норми кои треба годишно да ги исполниме кон патот на евроинтеграциите.

Каков е балансот и влијанието на земјите членки и самата Унијата како заедничка Влада во однос на носењето одлуки па оттука и за проширувањето?

– Генерална оценка е дека влијанието на земјите членки во однос на носењето одлуки па оттука и за проширувањето е големо благодарение на системот на општ консензус. Како што и Бадентер неколку пати изјавил консензусот, посебно општиот консензус, не ги решава работите, туку ги блокира. И реформи во ЕУ требаше да се направаат во овој правец. Форсирањето на улогата на земјите членки ги забавува процесите на евроинтеграции, освен во случаевите на Романија и Бугарија. И оттука земјите кандидати низ нивниот пат кон ЕУ се соочиле со блокади едни на други: Словенија кон Хрватска, Грција кон Македонија, сега Бугарија кон Македонија и така до недоглед.

Се чини дека она што сега се случува во Унијата на некој начин како да ја забрзува идејата на францускиот претседател Макрон за ЕУ со две брзини. Имено гледаме своевидно прегрупирање на силите и нови здружувања на „сродни“ лидери и нови партии?

– Макрон со неговата идеја и предлози за реформи во ЕУ го оддолжи еден процес на евроинтеграциите, во од. Европа сега се наоѓа во раскрсница, на турски ќорсокак. Нема внатрешна кохезија, нема заедничка-надворешна политика, политиката кон Русија, според нивна проценка доживе неуспех. Реформите на Макрон уште повеќе го оттежнуваат патот на земјите кандидати кон ЕУ. Борбата против пандемијата ја потврдува неорганизираноста и неспремноста на ЕУ да се соочи со големите предизвици, овозможувајќи им на Русија, Кина преку Србија со вакцина дипломатијата да се вратат како регионални играчи.

Како го коментирате фактот дека на важни дипломатски дестинации сеуште нема испратено амбасадори.

– Именувањето на амбасадори е сложен процес кога се имаат во предвид интересите на политичките партии за вдомување на нивни партијски кадри во дипломатијата. Две важни дестинации пропаднаа поради тенденцијата на упатување на кадри со двојно државјанство.

И долги години нанапред партиите нема да се откажат од оваа пракса зашто нив не им се приоритет интересите на државата.

Како ги ускладувате ставовите во рамки на Советот ако се има предвид дека сепак сте од различни етнички и политички бек граунд?

– Ако се држиме до прокламираните принципи за дипломатија во служба на државата тогаш тооа е лесно и не претставува проблем. Сите политички или етнички беграунди имаат заедничка цел: претставување на интересите на државата надвор.

Меѓупартиските и меѓуетничките недоразбирања се решаваат во парламент, влада и други институции и надворешната политика ќе биде толку успешна колку успешно ги решаваме внатрешните политички, етнички, социјални, економски, културни недоразбирања.

Нашите ставови ги усогласиме преку внатрешна комуникација се додека не дојдеме до ист став.

Според статутот, секој член на Советот има право да ги пласира во јавноста сопствените ставови по одредени прашања кои не мора да бидат на линија на договореното и тоа не претставува никаков проблем. Заедничкиот став го изразуваме преку соопштенија, пресови, заклучоци на оддржани конференции и друго.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот