Мухамед Али – кралот на рингот кој беше поголем од митот за себеси (ФОТО+ВИДЕО)

твитер

На денешен ден во 1942 година е роден еден од најдобрите боксери во историјата.

Приказната за неговиот живот е неверојатна, а самиот Мухамед Али го помина патот од политичка и спортска икона до државен непријател и назад како еден од најголемите спортисти на сите времиња. Тој е трикратен шампион во тешка категорија и се смета за еден од најдобрите боксери во историјата.

твитер

– Јас сум најголемиот! Јас сум крал на рингот! Ќе го завртам светот наопаку – зборуваше тогаш 18-годишниот Касиус Клеј кога прв пат се појави на светската боксерска и спортска сцена, на Олимписките Игри.

Мухамед Али е роден на 17 јануари 1942 година во Луисвил, Кентаки како Касиус Клеј. Подоцна за време на војната во Виетнам, тој премина во ислам и го смени името во Мухамед Али.


Првиот шампионски појас го освои 1964 година кога го нокаутира Сони Листон, но боксерските фанови највеќе ги паметат неговите антологиски бокс мечеви со уште две легенди, Џо Фрејзер и Џорџ Фореман, а „Rumble in the jungle“ и мечот против Фореман е еден од најголемите спортски спектакли во историјата.

Во кариерата имаше вкупно 61 борба, а победи на 56, од кои дури на 37 ги нокаутираше своите противници и има само пет порази.
Славниот боксер се најде и на другата страна од законот бидејќи кон крајот на 1960-тите години одби да го отслужи воениот рок и поради тоа не смееше да боксува во наредните четири години.

твитер

– Мојата совест не ми дозволува да одам и да пукам во брат ми, или во некои потемни луѓе, сиромашни, гладни луѓе во калта, за голема и моќна Америка, и да пукам во нив за што? Тие никогаш не ме нарекле црнец. Никогаш не ме линчувале и не пуштале кучиња по мене – изјави тогаш Мухамед Али.

Освен што беше еден од најдобрите боксери во историјата, Али воедно беше и една од најконтроверзните личности во спортот. Со своите изјави често знаше да ја предизвика бура во јавноста, а со постапките постојано беше во жижата на јавноста за време на неверојатната кариера.
– Никогаш не размислував за можноста од неуспех, туку само за славата и успехот што ќе ги добијам кога ќе победам. Можев да видам, да го почувствувам тоа. Кога се прогласив дека сум најдобриот на сите времиња, верував во себе и сѐ уште верувам во тоа – зборуваше Али.


Али се повлече од боксот во 1979 година, кога имаше 37 години, а веќе наредната година се врати за уште еден бокс меч со Лари Холмс на кој беше поразен. Загуби и наредната година во борба со Тревор Бербик, по што конечно замина во пензија.

Во 1984 година на Мухамед Али му беше дијагностицирана Паркинсонова болест, но борецот каков што беше за време на активната кариера, ни тогаш не се предаваше. Долгогодишната борба со тешката болест и губењето на моќта да зборува, ја совлада комуникацијата со рацете и прстите и гестикулациите со лицето.

Исто така, се посвети на патувањето, појавувајќи се на бројни хуманитарни настани. Али се сретна и со огромен број на претседатели, кралски семејства, шефови на држави дури имаше и средба со папата. Во 2005, американскиот претседател Џорџ Буш на Мухамед Али му го додели Претседателскиот медал на слободата, а во неговиот роден град Луисвил го отвори центарот Мухамед Али, кој го бележи неговиот живот, но е и место за промовирање толеранција и почит.

Мухамед Али на 3 јуни 2016 година ја загуби битката со тешката болест.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот