Муџахедините ја вовлекоа Албанија во иранско-американскиот дуел
Албанскиот премиер Рама изјави дека неговата земја во сојузот со САД не придонесува со ракети и бомби, туку преку „хуманитарна операција за сместување на муџахедините“
Премиерот Еди Рама и претседателот Илир Мета вчера настојуваа да ја смират вознемиреноста кај граѓаните откако ајатолахот Али Хамнеи ја спомна Албанија како „ѓаволска европска земја“, која им дава засолниште на непријателите на Иран.
Иранскиот врховен лидер говорел за групата од 3.200 припадници на организацијата Народни муџахедини на Иран (МЕК), чиј штаб пред три години бил префрлен од Ирак во Албанија.
– Има мала, ѓаволска земја во Европа, во која Американците соработуваат со иранските предавници, ковајќи заговори против Исламската Република. Нивниот план е јасен, со протестите што ги одржаа во Иран, бидејќи некои од тие предавници дојдоа во Иран да протестираат. Непријателските агенти почнаа да спроведуваат план за саботирање и уништување на нашата влада и на нашиот Устав – изјави Хамнеи.
Рама и Мета смируваат
Албанскиот премиер Рама изјави дека неговата земја во сојузот со САД не придонесува со ракети и бомби, туку преку „хуманитарна операција за сместување на муџахедините“.
– Не придонесуваме во овој голем сојуз со ракети или бомби туку во обезбедувањето, преку хуманитарна операција, со засолниште за група луѓе што беа под смртни закани од диктаторски режим. Има моменти не само кога треба да земеме, туку и да дадеме. Им порачувам на сите Албанци дека не треба да има ни најмала вознемиреност и дека САД се многу посветени на безбедноста на нашата земја – изјави Рама.
На Хамнеи му одговори и шефот на албанската држава Илир Мета, кој му порача дека „Албанија не е ѓаволска туку демократска земја, во која човековите права се светост“.
Соработка со САД
Групата МЕК е во Албанија од 2016 година. Базата на Народните муџахедини на Иран била направена во Манез кај Драч, наспроти протестите од локалните жители.
МЕК во 2013 година ја одбила понудата од САД да се префрлат подалеку од Иран, но подоцна прифатила да префрли 3.000 свои членови во Албанија. САД притоа донирале 20 милиони долари до Агенцијата на ОН за бегалци за да помогне за префрлањето на луѓето. Во септември во Албанија биле преселени и последните 280 члена на МЕК. Во мај 2018 година телевизијата Ем-ес-ен-би-си ги објавила првите снимки од тајната база на МЕК во Албанија, опишана како „огромен воен комплекс“. Во 2017 година Џон Болтон, пред да стане советник за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп, ги посетил припадниците на МЕК во Албанија и им порачал дека „пред 2019 година ќе слават во Техеран“.
Влада во егзил
Во изминатите неколку години малку е познато за активностите на припадниците на МЕК, која јавно се откажала од насилни акции, но Техеран смета дека организацијата спроведува тајни операции во Иран, со цел да ја соборат владата. Во 2018 година Албанија протера двајца ирански дипломати поради наводно планирање терористичка акција против МЕК за време на посетата на Рудолф Џулијани, поранешниот градоначалник на Њујорк и актуелен личен адвокат на претседателот Трамп. Џулијани заедно со американскиот сенатор Џо Либерман и британскиот пратеник Метју Офорд, ја посетил конференцијата на МЕК „Слободен Иран“ во Албанија во 2019 година и ја опишал организацијата како „влада во егзил“, која е „спремна алтернатива да ја води земјата ако падне владата во Техеран“.
Пред само три месеци, албанската полиција објави дека открила иранска паравоена мрежа што планирала напади врз членови на МЕК во Албанија. Полицискиот шеф Арди Велиу изјави дека надворешното крило на Иранската револуционерна гарда оперирало активни терористички ќелии заради напади врз членови на МЕК. Тој додаде дека мрежата ја раководеле двајца ирански офицери од Техеран, поврзани со криминални групи во Турција.
Исламистичко-марксистичка група
Пред да ѝ биде префрлена базата во Албанија, МЕК пред околу половина век била формирана како исламистичко-марксистичка организација и милиција и била екстремно антиамериканска. Нејзини членови убивале офицери од полицијата на шахот и имале важна улога при неговото соборување. Но, по Исламската револуција во 1979 година групата се судрила со новите власти и била протерана од земјата. Кога почнала Иранско-ирачката војна, МЕК застанала на страната на Садам Хусеин и воспоставила бази покрај границата од кои спроведувала напади во Иран.
По воената интервенција на САД, која заврши со соборување на режимот на Садам Хусеин, Иран преку свои агенти почнал одмазднички операции против МЕК и при еден напад во 2013 година биле масакрирани повеќе од 50 члена на организацијата, принудувајќи ја администрацијата на тогашниот американски претседател Барак Обама да ја извлече групата подалеку од Иран.
Тирана предупредува: Избегнувајте ги Иран и Ирак
Албанското министерство за Европа и надворешни работи им препорача на граѓаните да избегнуваат патувања во Иран и во Ирак, особено по изјавата на ајатолахот Хамнеи.
– Албанските државјани што во моментов се во Иран или во Ирак, а на кои им е потребна помош, ги замолуваме да контактираат со амбасадите на Албанија во Кувајт и во Турција – соопшти Тирана.