Муцунски разочаран од Ѓоргиев: Наместо да врши научна работа, се обидува политички да се профилира
Владата сè уште размислува за новите кадровски решенија во Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, но и во Историската комисија со Грција, па министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцински најави дека нема да бидат сменети сите членови на двете комисии зашто, како што рече, потребен е и одреден континуитет од кадровска гледна точка. Муцунски имал коректни средби со претседателите на двете комисии, амбасадорот Виктор Габер и историчарот Драги Ѓоргиев, за да добие слика што работеле, што постигнале и што треба натаму да се работи.
Сепак извесна е промената на копретседателот на комисијата со Бугарија, Драги Ѓоргиев за кого премиерот Христијан Мицкоски деновиве истакна дека не ги штител доволно македонските национални интереси, изјава којашто историчарот ја отфрли како неаргументирана, неодговорна и опасна со која „крајно неодговорно се дехуманизираат припадници на академската средина“.
– Прилично сум изненаден што деновиве гледам еден научник кој е коректно платен од страна на државата да си ја врши својата работа како се обидува себеси политички да се профилира и додека е во тековен мандат како претседател на една од комисиите. Со тоа се поткопуваат и надворешно – политичките позиции на државата. Ние политичарите, министрите, имаме легитимитет од страна на граѓаните да носиме политички одлуки, а научниците имаат обврска да вршат научна работа и искрено сум разочаран од таквиот пристап што го гледам деновиве – нагласи министерот Муцунски.
Причините за кадровските смени Муцунски не ги спомена директно, но евидентно е незадоволството од тоа што комисиите за решавање на отворените прашања со соседните Бугарија и Грција не ја исполниле функцијата да ги штитат стратешките надворешно-политички позиции во однос на различни аспекти.
– Би дал еден совет. За да бидеме успешна држава сите треба да го работиме она за што сме избрани да го работуиме и да бидеме внимателни бидејќи, ќе повторам, природата на работата на овие комисии е таква да може со мали гестови да се направи сериозна штета по интересот на наштата држава. Иако е различна нивната работа, на различен начин од меѓународно јавно правна гледна точка се делегирани и треба да бидат максимално внимателни – нагласи шефот на македонската дипломатија.
Тој, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конфернција со турскиот колега Хакан Фидан, уште еднаш јасно ги разграничи обврските на политичарите и на стручната фела.
– Ние имаме обврска да креираме надворешна политика, да ја имплемтираме таа политика што сме ја крерирале, а тие кои доаѓаат од научната фела при нивнатиот ангажман да внимаваат да ја вршат својата работа од научна гледна точка по која се ангажирани од државата. Патем доколку имаат забелешка сум им кажал дека мојата врата е отворена за сите прашања – рече Муцунски.
Консултациите во Владата за кадровските промени во комисиите сè уште траат, па во наредните недели се очекува конечна одлука и за членовите кои ќе останат и за оние кои ќе заминат од исторските комисии. Во последните две години, посебно во работата на Мешовитата македонско – бугарска историска комисија не е постигнат значителен напредок во однос на отворените историски и образовни прашања меѓу двете земји.