Муцунски го разрешува директорот на ОУ„Лазо Ангеловски“ пријавуван за сексуално вознемирување

Тимчо Муцунски/ Фото: Архива на „Слободен печат“

Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски информираше дека побарал разрешување на директорот на ОУ„Лазо Ангеловски“ откако добил предлог од училишниот одбор да му го продолжи мандатот на директорот Перо Арсеновски, но дека нема да го направи тоа затоа што претходно неговото име беше поврзувано со пријави за сексуално вознемирување и малтретирање на вработени жени.

„За актуелниот директор во заминување во изминатите години имаше огромен број поплаки, како од родители на ученици, така и од наставниот кадар на училиштето. Состојбите во училиштето беа повод и за сериозна грижа на општата јавност. За оваа моја одлука го информирав и Министерството за образование и наука и доколку тие не одлучат да ја преиначат мојата одлука, во најбрз рок во училиштето ќе именуваме в.д. Директор од редот на вработените. Во иднина нема да дозволам несоодветни кадри да бидат поставувани на високи позиции, особено кога станува збор за образовни институции“, пишува Муцунски.

„Ветувам дека ќе ја вратиме позитивната слика и довербата во сето она што е под наша надлежност и повеќе нема да има случувања кои предизвикуваат штета на образовниот процес, а со самото тоа и на нашите најмили. Нема да поддржам и назначам лице, кое со своето однесување ќе предизвика бурни реакции во јавноста, а и ќе нанесе непоправлива штета на училиштето во кое со децении наназад работат врвни професионалци. Јас како градоначалник заедно со општинските служби ги преземавме сите неопходни мерки за што побрзо решавање на овој случај и го повикавме Државниот просветен инспекторат најитно да постапи во делот на разрешувањето, за што побрзо да можеме низ транспарентен и отворен процес да се избере нов директор. Учениците се нашата иднина и најголемо богатство! Ние возрасните сме тие што мора да ги заштитиме и да се грижиме за безбедно образование на нашите деца!“, додава тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот