Муабетиме со Борислав Јоргушески, слушнете ја премиерно новата песна посветена на Скопје

Муабетиме со композиторот Борислав Јоргушески за идејата на реализирање на новото ЦД „Хорски песни за деца“, за тоа што недостига на македонската музичка детска сцена, како и за важноста на пораките кои ги испраќаат текстовите на детските песни.

Почестени сме меѓу првите да ја чуеме новата песна посветена на Скопја, а повелете, слушнете ја и вие.

Борислав Јоргушески и Билјана С.Лалчевска

Со каква идеја го реализиравте ЦД-то „Хорски песни за деца“?

– Идејата потекнува од директорот на ДКЦ „Карпош“, г-ѓа Билјана С.Лалчевска, која е идеен творец да се формира градски детски хор под капата на ДКЦ Карпош или популарно на скопски ,,Пионерски дом,, а јас бев назначен да го водам овој хор како музички раководител. Сè ова пак, е одобрено и поддржано од град Скопје, за што сме многу благодарни, бидејќи детската хорска музика во последниве години речиси и да ја нема или е застапена во една поинаква форма. Сакам да потенцирам дека членувањето во овој хор е бесплатно. Доволно е детето да сака да доаѓа и да има одредени предизпозиции кои што се потребни за правилно хорско пеење. Како дипломиран музички педагог, децата ги учам на повеќегласно  хорско пеење кое е застапено и во песните.

Какви пораки испраќаат текстовите на песните? Какви вредности им предочувате на децата?  

– Во песните се застапени повеќе вистински вредности кои што преку песна сакаме да ги доближиме до сите деца и возрасни. На пример, пееме за љубезноста, за другарството, но, и за тротинет, односно да се грижиме за животната средина и за нашето здравје. Обрнуваме внимание и на семејните вредности, како и на традиционалните вредности, па оттука песните „Оро без граници“, „Песна за Велигден“, а исто така имаме и песна посветена на нашиот град, Скопје.

На ЦД-то се најде и песната „На Скопје со љубов“ во изведба на Лидија Кочовска и Градскиот детски хор при ДКЦ „Карпош“. Каква беше соработката со Лидија?

– Уште на самиот почеток кога ја прашав Лидија дали би сакала да учествува во една убава приказна во која ќе пееме за Скопје, веднаш наидов на воодушевување од нејзина страна и на наше општо задоволство песната ја снимивме и со видео спот кој верувам дека ќе ви се допадне.

Очекувате ли песната да го достигне успехот на легендарната „Скопје, радост ти ќе бидеш“?

– Ќе видиме, времето ќе покаже дали е песната квалитетна  и дали ќе биде слушана.Нашата намера е искрена и сакаме да поттикнеме и други да пишуваат и пеат за Скопје и секој на свој начин да даде придонес за културниот живот на Скопје.

Вие сте автор и текстописец на најголем дел од песните кои се најдоа на ЦД-то. Со кого уште соработувавте?

– Соработував со повеќе автори. Би ја издвоил соработката со проф. Томислав Таневски кој веќе 40 години е присатен во детската хорска музика и воопшто во педагогијата и неговите песни имаат посебен дел во ова ЦД.

Што недостига на денешната детска музичка сцена?   

– Повеќе квалитет, а помалку квантитет. А, секое дете кое сака да пее, нека дојде во „Пионерски дом“, нашите врати се широко отворени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот