Муабет со Ване Костуранов: Живееме во улици преполни со куќи, а празни со луѓе

Неговата втора сликовница „Девојче и мече“, топла и сонувачка приказна за другарството и за растењето, (во издание на „Арс Ламина“), се најде на престижната книжевна листа „The White Ravens“. Листата содржи 200 книги, на 37 јазици од 58 земји.

– Признанието мојата книга „Девојче и мече“ да се најде на таа листа, само по себе, е голем успех. „International Youth Library“ од Минхен е најголемата библиотека за меѓународна литература за деца и млади во светот. Мојата книга се најде на листата од 200 книги, на 37 јазици, од 58 земји. „Девојче и мече“ е првата книга од македонски автор, на македонски јазик, која се нашла на таа листа. Тоа ме прави особено среќен и ми дава надеж дека мојата книга ќе отвори пат за уште многу други квалитетни книги и автори од Македонија. Верувам дека ова признание дополнително ќе го осветли патот по кој веќе зачекори „Девојче и мече“, – вели Ване Костуранов.

Велиш, ти не си одбрал да бидеш уметник, туку уметноста те одбра тебе. Кога тоа го сфати и како се случи тоа?

– Го знаев тоа уште како мало дете, деновите ми минуваа во цртање, најчесто скриен под масата во дневната соба. Најголем проблем тогаш ми беше да ми стигнат десетте листови од блокот во текот на денот. Колку повеќе стареам, толку повеќе се уверувам дека уметноста те одбира тебе, а не обратно, затоа што уметноста не е професија, тоа е постоење. Затоа и уметниците не се пензионираат, тие едноставно престануваат да создаваат тогаш кога престануваат да постојат.

Како самоук сликар, од кои уметници најмногу си научил?

– Мојата најрана меморија е документарецот на Петар Мазев во Дојран, со Глигор Чемерски. Во тој документарец Мазев зборува многу за интимноста во чинот на сликање, стравовите и несигурноста на уметникот, мистеријата на создавањето уметност, силината на уметничкиот порив. Од денешна перспектива, мислам дека во тој документарец се содржат едни од најголемите вистини за уметноста и творењето, и тоа е мојата прва вистинска инспирација.

На што мислеше додека ја создаваше првата сликовница „Ѕвездено дете“?

– Откако станав родител, пред околу 9 години, особено поради фактот што мојата ќерка обожаваше да ѝ читаме, всушност, станав свесен колку е ретко да се најде добра книга за деца на македонски јазик. Си ветив дека ќе се обидам да дадам свој придонес на тоа поле и после неколку години, конечно се наредија ѕвездите така, да можам да ја раскажам приказната за Ѕвезденото дете. Тоа е приказна која ја започна син мѝ Максим, играјќи си со ѕвездите во детската соба. Продолжив со идејата тоа да биде приказна и за деца и за возрасни, обидувајќи се на еден детски начин да допрам подлабоки теми какви што се стравовите, желбите, осаменоста, љубовта… На крајот на денот, на сите ни треба по еден „Sвездан“ за да нè поправа кога престануваме да светиме.

Денешните деца имаат поразличен сензибилитет за приказни од времето кога ние ја читавме „Црвенкапа“. Какви приказни го задржуваат вниманието на нашите деца?

– Конкретно, нашите деца најмногу сакаат приказни со откачен хумор, топлина и убаво раскажана приказна во која можат да се препознаат со некој од ликовите. Но генерално, мислам дека децата сакаат приказна која е автентична, приказна во која препознаваат своја емоција, која ќе ги поттикне да поставуваат прашања. Приказна која навечер ги води во сон, будејќи ја нивната фантазија.

За да се доближиш до децата, и со приказната и со јазикот, треба да се биде „дечар“, односно да го имаш детето во себе. Како се заигруваш и како го раниш детето во тебе за да не порасне?

– Па, сè уште сум тоа истото дете кое по цели денови црта, само што веќе не ме собира под масата.

Во креативна смисла, која е предноста на твојата родна Струмица во којашто живееш, во однос на главниот град?

– Тоа е многу субјективно чувство, за мене убавината на животот во Струмица е можноста да одиш бавно, а да стигнеш секаде навреме. Колку ли само слики, книги, време со најмилите би изгубил заглавен помеѓу стотици возила на улиците во главниот град?

Што им недостига на денешните куќи и улици?

– Живот и зеленило. Живееме во улици преполни со куќи, а празни со луѓе. Секој слободен сантиметар околу нас се покрива со бетон. Ми фалат паркови, детски игралишта, скулптури по улиците и мурали на ѕидовите. Но, најмногу од сè ми недостигаат луѓе кои искрено и непресметливо знаат да се радуваат за другиот.

Што следно може да очекуваме, признаваме со радост, од тебе? Се фати ли веќе за работа за следна сликовница, за следна изложба, за следен постер, за новогодишни честитки, можеби?

– Сè од набројаното!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот