Муабет со Оливија Георгиевска: Не може професор на универзитет да пишува учебник за петто одделение!

– Именка е сè околу нас, сè што има име, секој предмет, од молив до ракета, сите нешта во нашите соби, сите растенија, овошјето и животните, храната – солена и слатка, сите играчки, па дури и самите ние сме направени од безброј именки – нашето тело е именка цело. Глаголот, пак, се однесува на секој збор што покажува нешто што се движи и брза, многу често и оној збор што е како мало дете кое не умее да мирува. Така, на пример – ако пишуваш, значи ја движиш раката, па зборот ПИШУВА ќе биде глагол. Но, исто така, и да седиш и да мислиш, па и да лежиш и да сонуваш – значи дека ти правиш нешто. Е, токму тоа правење нешто е самиот глагол,- вака професорката по македонски јазик и литература и едукаторка Оливија Георгиевска ги опишува своите две нови книги за деца „Игра со глаголи“ и „Игра со именки“, во издание на „Литература.мк“.

Со Оливија муабетиме на тема учење на македонски јазик преку игра, за писменоста на нашите деца, за тоа колку читаат, за лектирите…

Кој беше поттикот и идејата да ги напишете двете сликовници за деца „Игра со именки“ и „Игра со глаголи“?

– Главната идеја ми се наметна откако се родија моите ќерки. Со нив поминував бескрајно многу вечери во „читање“ сликовници и разговори. И самата почнав да читам и разгледувам што има кај нас, што надвор од нашата земја. Приказните дека сме мала земја, со мал потрошувачки потенцијал – во ера на онлајн и дигитализација, едноставно не „држат“. Па така открив една цела серија на книги за девојчиња, ги најдов издавачот и илустраторот  – Тијара Клуб, ја однесов во Топер, па со нив соработував во делот на преводот. Потоа сфатив дека со римата послабо стоиме, како јазик кој не е баш игрив, разгледав што има на пазарот за едукација, во делот – крута и здодевна граматика, па решив да се обидам, она што го предавав тогаш да го напишам. Најлесно е кога пишувате за публика која ја познавате и ѝ ги познавате и вкусот и интересот. Речиси е невозможно да пишувате за деца, а да не сте биле блиски со нив, да се вратите во детството, да им ги допрете нежните детски души и соништа. Книгите се напишани од поодамна, но „Литература МК“ ги најдов по неколкуте неуспешни обиди да ги печатат на друго место.

Во што е играта?

– Играта е она што го имаме кога сме деца, а го губиме кога стануваме возрасни затоа што се очекува луѓето да бидат сериозни. Но, играта е најлесниот, наједноставниот и најкреативниот начин на учење на сè она што е околу нас. Играта на именки и глаголи е стекнување вештина за распознавање и откривање на зборовите со поинаква големина и боја, учење на зборовите кои имаат рима, откривање на тоа – кои и што се зборовите и колку значат во изразувањето на она што го имаме во себе.

Кои реакции од децата на вашите книги ви останаа во сеќавање?

– На двете промоции видов деца кои се весели, безгрижни и среќни. На втората, трчаа со балони, грицкаа колачиња, седнуваа, па стануваа. На децата во 21. век тешко им паѓаат сите активности поврзани со трпение. Но секако, од пријателите слушам дека дома ги учат сами римите, прашуваат за зборовите и се веселат на илустрациите.

Каква беше соработката со илустраторката Ивана Јовановска, се разбравте ли „од прва“?

– Ивана ја запознав во „Литература Мк“. На неа оставив да ја креира првата книга по желба, со оглед на тоа дека именките беа многу конкретни сами од себе – идејно ја замислив како сликовничка во која на секои две страни има сродни предмети – именки храна, именки транспортни средства и слично.

За глаголите и објаснив дека треба да се близначиња, братче и сестричка, да се опише еден нивен ден од утро до вечер и тука да се инволвира семејството и семејните вредности.

Како професор по македонски јазик, може ли да кажеме за нашите деца дека се писмени?

– Во директен образовен процес работев 12 години, сега работам и во Американската гимназија Скопје (АХСС) која е дел од реномираниот „Американски колеџ“. Тука, освен предавања, работам и едукативна администрација. Дека се писмени или не, зависи од многу фактори. Тука се подрзабира: колку родителите посветиле внимание во предучилишна возраст – читале, играле, заедно правеле работи дома, првото обрзование кое е од клучно значење – стекнување со првите знаеа и вештини, и пота, сè останато се надградува. Доколку сите компоненти не функционираат во взаемна невидлива мрежа, тогаш нешто ќе недостатасува. Не може да се виновни ниту само наставниците, ниту само родителите. Тоа оди взаемно.

Од друга страна, ние сме буквално бомбардирани со новата култура на живеење на англиски јазик која се наметна првично од употребата на речник од технолошките револуции и социјалните мрежи. Филмовите, телевизијата, сериите, сè е под влијание на англискиот јазик. Се случува да слушам како ученици Македонци меѓусебе полесно се разбираат со кратенки и жаргони на англиски јазик, и тоа им е секојдневен живот. Како тогаш да зборуваат правилно и правоговорно македонски? Очигледно е потребно да се направи спротивна кампања за користење на нашиот јазик за да има противтежа. И таа кампања треба да ја преземат сите општествени системи во земјата.

Што им недостига на денешните професори по македонски јазик?

– На помладите им недостига трпението и искуството на старите. А на постарите модернизиран пристап во наставата. Едно нешто е најважно во сите професии, па и во оваа, во која обично центар на знаењето е професорот-актер кој држи група ученици во 45 минутен интерес. А тоа е напорна и енергетски исцрпувачка професија. Како и да е – најважното е да се има страст и ентузијазам и енергија и никогаш еден професор да не си дозволи да стане седач и набљудувач. Тогаш часовите ќе се најздодевни.

Колку ни читаат децата и каков тип на литература ги привлекува модерните деца? Сметате ли дека литературата во учебниците, и воопшто, лектирите за децата од училишна возраст треба да се модернизираат?

И тоа зависи од она што го гледаат дома. Доколку родителите читаат и се модел кој не спроведува домашна демагогија, туку се активни во она што го зборуваат, ќе имаме и деца читачи. Голем број ученици имаат неверојатно лош пристап кон лектирите. Но, и родителите. Тоа го сметаат како казна или – кој ќе чита цело лето. Пристапот е лош. Тоа е за нивно образување, за нивно знаење, нивниот придонес во само-образувањето и издигнувањето на свест како човечки суштества. А лектирите, колку што гледам, оваа година претрпеа ревизија. Нашето Министерство треба да следи глобални трендови и да сфати дека овие деца, не се оние од пред 30 години кои читале книги од типот „Волшебното самарче“. Децата во овој век сакаат мистерии, тензии, авантури, модерни бајки, научна фантастика и ги привлекува сè што има акција. Па, зарем не може преку акцијата и да се научи нешто?

А, за учебниците, совет за оние кои се учебникари – учебник не се прави за еден-два месеца, туку треба да произлезе од работата која се работи во текот на годината. Со учебниците треба да има помагала за учење од типот – за секое одделение да има посебен додаток приказни и раскази според нивото на ученикот, како и посебен додаток – помагало, учебник ,со поезија. Никогаш нема доволно текстови за да се учи директно преку примери. Затоа, можеби е најдобро да постојат такви додатни помагала. Исто така, учебник не може да пишува човек кој не работи со тоа одделение. Не може професор на универзитет да пишува учебник за петто одделение или за прва година гимназија. Треба да се измешаат со учениците, да им го знаат ставот, мислењето, душата, барањата и потребите, па да можат да направат учебник во кој учениците ќе уживаат.

Кои книги би ги предложиле за задолжително четиво за нашите деца?

– Што повеќе басни, бајки и приказни од „мали нозе“. Приказни од целиот свет. Така, преку поуките, ќе се научи многу повеќе за моралот кој се изврти, вредностите на живеењето кои некако од брзината на живеењето се потпикнаа под килим, и секако, ќе им се отворат видици за учење други култури и светови.

Работилниците за деца од 10 до 14 години, кои ги држевте во „Јавна соба“, беа преполни. Што работевте и што е тоа што го задржува интересот на модерните деца кои, сепак, растат со Интернет?

– Секое дете сака да работи со раце и да создаде нешто. Децата учеа вештини на боење, декупаж, сликање маици кои потоа ги носеа, моделирање глина… Беше тоа навистина едно драгоцено искуство и за мене. И најважно – родителите мора да најдат време за работа со децата, прошетки во природа и слични семејни активности. Инаку, животот кој се води кај нас, буквално го јаде семејството.

Што подготвувате следно?

– Следни се придавките. Тие се најраскошни затоа што се украсот на именките. Но, пишувајќи и размислувајќи за децата, нашиот јазик, културата и животот, добивам постојано нови и нови идеи. Особено ми е важно што „Литратурак Мк“ ги отворија вратите за мене како автор и ме поддржаа, со што ме поттикнаа да верувам дека може да се пишува, да се објавува и да се биде човек кој ужива во тоа што го прави, помагајќи на светот со своите мали чекори да оди напред.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот