Муабет со Миха: Странците си одат со наш филигран, тегла ајвар и шише домашна ракија

Михајло Буклески станал туристички водич пред шест години, но тој е еден од првите, поточно, втор во нашата земја, кој почнал со новата услуга која е многу популарна на Запад, наречена бесплатна тура, која е базирана на бакшиш-напојница. Гостите плаќаат за услугата на крајот од турата, колку што сметаат дека вредела.

-Инаку, прв со оваа усглуга започна водичот Сашко Николески, во 2014 година, – вака го почнуваме нашиот муабет со туристичкиот водич Михајло Буклески.

Михајло си го сака Скопјенце. Вели дека туристичкиот водич, пред сè ,треба искрено да го сака својот град и да има желба своето знаење го споделува со други.

-Сакам да изразам голема благодарност и до нашиот познат хроничар на градот, Данило Коцевски, мој пријател,  човек кој секогаш несебично го дели своето знаење и тајни за Скопје со мене, а кои претставуваат вистински зачин во моите нарации во текот на турата.

Браво за Данило, поздрав и од нас!

Со Миха продолжуваме муабет на тема што сакаат странците во Македонија, што им се допаѓа, што не им се допаѓа, што јадат, со какви впечатоци и сувернири си заминуваат.

Што значи да се биде денес туристички водич во Македонија? Кој може да биде водич? Тешка ли е професијата?

– Туристички водич денес претставува да се биде амбасадор на својата земја бидејќи, ние, туристичките водичи, сме најчесто првиот и временски најдолг контакт кои нашите гости го имаат со некого во нашата земја. Водичот треба да биде вистински домаќин, пријател, но, во исто време, и едукатор на гостите кои нè посетиле. Туристички водич може да биде секоја полнолетна личност која е државјанин на Република Македонија, која ќе ја заврши обуката на некој од факултетите за туризам, кои ќе ги положи испитите за да го потврди своето знаење и потоа, да се стекне со лиценца за обавување дејност – туристички водич.
Но, покрај лиценцата, пред сè, треба да биде комуникативна личност, лесно да гради пријателство со гостите, да располага со добро воспитување, емотивна интелигенција, да располага со општо познавање на многу теми од општествениот живот, од историјата, од економијата и така натаму. Професијата воопшто не е тешка, доколку водичот е личност која сака да остварува комуникација со луѓе од други култури, религии и традиции. Понекогаш професијата бара одреден физички напор, но другарувањето со гостите, напорот го претвора во задоволство.

Фотографија: Драган Митрески

Ако странецот е присутен во нашата земја само на 24 часа, што ќе му препорачате да види?

– На странец кој е само 24 часа во Скопје, како што престојуваат и повеќето гости во Скопје, постојат неколку места кои најчесто ги препорачувам, а тоа се: Канонот Матка, Римскиот аквадукт, Националниот музеј на Македонија, Свети Пантелејмон, Свети Спас, Археолошкиот музеј на Македонија и уште многу други места, но сè тоа зависи од структурата, односно, од интересот на гостите кои ги имам.

Искуствено, кои објекти и споменици кај нас најмногу им се допаѓаат на дојденците?

– На гостите кои ја посетиле мојата тура низ Скопје, најчесто им се допаѓаат следните локации:
Свети Спас, скопската стара чаршија, канонот Матка и скопското Кале, макар што најчеста замерка е дека целосно е напуштено. Но, и тоа зависи од повеќе елементи. На пример, не е ист вкусот за локации на гости од различни култури и различна социјална структура. На гостите од Азија, на пример, многу им се допаѓаат огромните статуи и споменици, додека гостите од Запад покажуваат поголем интерес за раната историја, археологијата, како и поскора историја од периодот на социјализмот, СФРЈ и слично.

Да зборуваме малку за храната, што сакаат странците од нашата домашна кујна?

– Искуството кое го имам во врска со македонската кујна е дека сите наши гости се воодушевени со истата.
Ја обожуваат нашата скара, селското месо, разните тави со месо или без, питите, пастрмајлијата, ајвараот, нашето на далеку познато тавче гравче и да не го заборавиме нашето вино од кое остануваат буквално без зборови.

Дали нè доживуваат како гостопримлив народ? Дали сме добри домаќини?

– Повеќето гости кои слушнале за Македонија и знаеле дека сме на Балканот доаѓаат најчесто со одредени предрасуди бидејќи сме балканска земја. Факт е дека сè уште во некои делови на светот Балканот се смета за небезбедно место заради нашата поблиска историја, но после неколку часа престој во Македонија, едноставно не возможно е да го сокријат своето изненадување и воодушевеност со гостопримливоста на луѓето кои живеат во Македонија, но и низ целиот Балкан. Се менува целата претстава која ја имале и безрезерво се опуштени во текот на целиот нивен престој. Нè ценат како исклучително гостопримлив народ.

Фотографија: Драган Митрески

Што не им се допаѓа кај нас?

– Секако има и моменти кои не им се допаѓаат кај нас. Пред сè не им е јасно на нашите гости зошто градот не се одржува подобро,многу е валкано во Скопје, на канонот Матка, во Охрид…Не постои добра мрежа на пунктови за туристички информации, тешко се наоѓаат туристички карти, локалниот превоз е скоро невозможен за нив поради неможноста да купат билети во автобусите, не постои добро осмислена веб страна, со сите потребни информации за градот Скопје, која пред сè ќе биде наменета за нашите посетители и ќе биде така димензионирана според потребите на туристите, нападните диви продавачи на парфеми и ,,оригинал Реј Бан“ наочари, кои буквално ги малтретираат гостите.

Со каков сувенир или гастрономско „парче“ си заминуваат од Скопје?

– Најчесто прашање на крајот од турата освен каде да се руча или каде да се оди во текот на вечерното излегување е каков сувенир да понесат од Скопје. Постои само еден одговор кој им го давам, филигран со мотив пеперутка или шише македонско вино. Многу од нашите гости ќе понесат и тегла со македонски ајвар, шише со домашна ракија и слично, но се зависи од нивниот вкус.

Rakija

ајвар
Flickr

Колку државата „се меша“ во вашата работа на туристички водич? Колку ви помага, или „одмага“?

– Досега, во периодот од пет години, колку што ја обавувам оваа дејност немам такво искуство некој од државата да ми се помеша во работата, за добро, но и фала му на Бога, ни за лошо. Се надевам дека и така ќе остане.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот