Муабет со Јовица Ивановски: Јазикот (македонски) не е зајак да побегне, ниту сирење да се усмрди

Со стихозбирката „Човек“, Јовица Ивановски ја доби годинешната награда „Браќа Миладиновци“ која ја доделува фестивалот Струшки вечери на поезијата. Па, така и го отвораме муабетов. Што и колку му значи оваа награда?

– Со оглед на тоа што ова ми е прва награда и што, до сега, не сум конкурирал за друга, би лажел кога би кажал дека не ми значи. Пишувам затоа што морам, затоа што не умеам поинаку да излезам на крај со себе и со она што ме опкружува. Стихозбирката „Човек“, како и сите пред тоа, е само чекор понапред во моето творештво. Не мислам дека наградата нешто ќе ми промени, дека ќе ме ценат повеќе како автор, дека ќе ќарам нови читатели или ќе продадам повеќе книги. Ништо од тоа. Можеби само ќе го зацврсти моето лабаво его и ќе ми ја збогати фалбаџиската биографија, вели Јовица.

Вистинска уметност е, сега и овде, човекот да не се обесчовечи.

Симпатична беше поддршката од академскиот сликар Мирослав Масин, како награда на наградата – насликан твој профил. Колку уметниците, воопшто, кај нас, се поддржуваат?

– Да, и мене пријатно ме изненади. Масин портретот го насловил „Браќа Миладиновци“, ме насликал со две глави, а воедно ја нагласил мојата двојност – Доктор Џекил и Мистер Хајд. Секоја чест маестро!Портретот е врамен, но никој од моето семејство не ми дозволува да го додадам во просторот. Триглав Јовица, кој би можел да го поднесе тоа? А, што се однесува до поддршката од уметниците, моите искуства се најчесто позитивни. Повеќето од нив се подготвени за соработка, а и јас не сум различен. Се препознаваме, се пронаоѓаме на иста бранова должина, се надополнуваме, си помагаме, без да очекуваме нешто за возврат. Е, сега, дали јас, случајно или не, сум опкружен со најдобрите луѓе меѓу најдобрите уметници, навистина не знам.

Тешко ли е да се биде човек денес и баш под ова поднебје?

– Не е лесно да се биде човек. Прашајте ги нелуѓето! А такви, за жал, има сè повеќе. Велат дека јунаците на мака се познаваат. И навистина, вистинска уметност е, сега и овде, човекот да не се обесчовечи. Да остане недопрен од помодниот криминал, од (не)вкусот на новите елити, над ситните интереси, над ќарот и есапот. Каде отидоа моралот и љубовта, човечноста и чесноста? Каде отидоа убавите луѓе од нашите убави години? Отсекогаш било зезнато, но се сомневам дека било олку забегано. Луѓе и нелуѓе, нема постара приказна.

Градот ти е неодминлив во поезијата. Каде го пресретнуваш и, од друга страна, избегнуваш, градот денес во Скопје?

– Градот сè помалку ми гостува во песните, но сеедно, не можам да му побегнам ни кога сум надвор од него, секаде со себе си го носам. Некогаш ми става сопка, некогаш ми скока во прегратка. Валкан е, загаден, богат со некултура и древна убавина, со лузни и стари украси на лицето, со гниди и со најубавите луѓе на светот. Не е онаков каков што беше кога бев млад, но не сум ни јас. Се менуваме истовремено. Јас не можам без него, но тој може без мене. Ќе ме надживее и нема ни да забележи кога ќе ме снема.

Ако не се лажам, се исклучи од социјалните мрежи и искрено, нѝ недостигаш. Што те убеди на „лог аут“?

– Друштвените мрежи можат да раздружат. Да го преполоват времето за вистинско дружење и творење. Преку ноќ се навлекуваш на нив, како дерле. Барем јас сум таков. Поводлив и без усул. Премногу време ми одземаа, а злобниците на нив се множеа. Со нив или без нив? – се запрашав. Ги баталив како лоша навика, како грицкање нокти, како несоодветен порок во неприкладен момент.

Поетите се чувари на јазикот, каде ни „избега“ јазикот во секојдневниот македонски говор и што да се прави за да го сочуваме?

– Јазикот не е зајак да побегне, ниту сирење да се усмрди. Не треба да му се плазиме, ниту, пак, премногу да го пазиме. Во блиското минато „литературниот јазик“ честопати беше силуван – во филмови, драми, песни, романи…, а колоквијалниот божем непристоен, простачки, вулгарен…Вистината е некаде помеѓу.

Ако јазикот е жива материја, тогаш не смееме да му застанеме на пат, да го ограничуваме, да не му даваме да дише. Зашто мора да еволуира, да се збогатува со илјадници зборови кои со години се во употреба и веќе се дел од речникот и на нашите деца. Со сите компјутерски термини, со новиот сленг. Со кованици и неологизми смислени од поети, писатели, македонисти и од сите кои зборуваат македонски. Јазикот секогаш треба да биде облечен во последната мода на говорот.

Ќе нè почестиш ли со една твоја нова песна, ама необјавена?

– Со задоволство.

ВО ПОГРЕШНО ВРЕМЕ,

НА ПОГРЕШНО МЕСТО

 

Не го освои врвот.

Се сопна и падна

приземјувајќи ја својата

надуена големина.

Никој не му честиташе,

немаше зошто.

Никој не го потчукна по рамо.

Не му удри заушка кога требаше,

ниту, пак, го бакна кога требаше.

Остана ускратен од вистински

реакции во вистински мигови.

Небаре стално во погрешно

време, на погрешно место.

Никој не се зазема за него,

немаше зошто.

Никој не му подаде рака,

не го гушне кога требаше.

Никој не призна дека лажел,

никој не се извини.

Никој не му кажа дека го сака,

никој не се збогуваше ко што треба.

Некои си отидоа, некои се пакуваат.

Кај и да е, сите ќе си заминат –

во вистинско време,

на вистинско место.

(песната е нашишана на 27.03.2019)

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот