Муабет со Елена Марковска: На сопругата на Пендаровски одлично и стои титулата жена со стил

Муабетиме со Елена Марковска, презентер и уредник во телевизија „Алфа“, на женски теми. Какви се тие женски теми? Такви, убави. Теми кои нè засегаат.

Па, така со убавата Елена заклучивме дека природата си го има главниот збор кога станува збор за нашиот фит изглед, поточно – физичката активност во природа. Ама има нешто и до „трикчињата“. Маските за лице си ги подготвува сама. И несебично ни ги открива рецептите „од фрижидерот“.

Како да се остане фит во денешно време кога сме под постојан стрес?

– ПРИРОДА ! Тоа е, верувајте, вистинскиот одговор на ова прашање. Секојдневните обврски, трката со времето, стресот- сè се пресликува на нашето физичко, но и ментално здравје. Затоа практикувам и препорачувам пешање, трчање, возење велосипед или што и да е ,само одвојте еден час во денот да си ја нахраните душата и телото со сè она што природата го овозможува. Ќе си го прочистите мозокот од стресот, ама и ќе потрошите калории. Водно ни е достапо на сите, честопати се организираат и групни пешачења, од срце ги препорачувам! Не можам да не ја споменам и мојата омилена Парк шума Гази Баба, прекрасна природа во срцето на градот, преполна со осветлени патчиња за трчање, реквизити за вежбање. На оваа локација најчесто ми почнува денот, стресот го оставам меѓу дрвата, а си земам енергија потребна за целиот ден. Во време кога се бориме за основното право – чист воздух , сметам дека ова е лекот, пешачење, трчање и планинарење. Ем здрави, ем фит.

Какви трикчиња применуваш за убав изглед со намирници од фрижидерот?

– Работата во телвизија подразбира малтретирање на кожата и косата. Изложена сум постојано на шминка, но не секојдневна, туку онаа телевизискита, со подлога, па пудра, па камена пудра. Таа „тешка” шминка ја „трпам“ со саати, па кога ќе се вратам дома по напорниот ден поминат на вести, морам да ја истретирам кожата. Темелно го мијам лицето и потоа нанесувам маска, не којзнае каква, и колку скапа, напротив си ја подготвувам сама, со состојки што сите ги имате во фрижидер. Еве го рецептот ако сакате да ја подготвите:

– 2 големи лажици јоурт, 1 мала лажица мед и 1 мала лажица мајонез. Состојките се мешаат, па потоа, маската се нанесува на лицето. Оставете ја да отстои половина час. Потоа, отстранете ја со млака вода. Проверен – одличен рецепт за потхрана на лицето. Мајка ми ставаше вреќички од чај од камилица на очите 15 до 20 минути, па можам и ова да го препорачам како одличен „трик“ против уморни очи и подочници.

Која според тебе е жена со стил и зошто? 

– Уф, многу жени ми паднаа на ум, но да си олеснам го стеснив кругот на јавни личности од Македонија и тоа поврзани со мојата работа. Во време кога на телевизијата, посебно на вестите, можеме да видиме сè и сешто, мојот избор за дама со стил е единствената Бранка Станковска. Прекрасна жена, прекрасен глас, дикција, култура во говор, смиреност, отменост. Пред десетина години, кога волонтирав во Македонската радио телевизија, имав можност да ја запонаам, водевме одличен разговор, добив совети што нема да ги заборавам никогаш . Иако веќе во поодминати години, со бори на лицето и проретчена коса г-ѓата Бранка Станковска сè уште е вистинска дама со префинет стил.
На ум ми падна и првата дама, сопругата на Претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓорѓевска. Иако кратко време ја има оваа титула, сметам дека одлично ја „носи“.

На кое прашање жените треба да бидат најгласни во Македонија? 

– На секое од кое се чувствтваат обесправени, навредени, омаловажени, понижени. Во секоја жена постои енергија за започнување на одредени промени, односно, за унапредување на своето место во општеството. Не треба да се дозволи на патот да ни застане малограѓанштината, предрасудите, осудите. Изборот е ваш, одлуката е ваша, ма, животот е ваш!

Рецепт за здрав појадок од твојата кујна? 

– Здрав, но и омилен. Кришка црн леб намачкан со мед, наросен со мелени ореви, јаболко и чај. Татко ми е пчелар и медот дома го користиме во секоја варијанта. Еве, на пример, за енергија, но и поткрепа на имунитетот – килограм мед, 3 цедени лимони и 200 грама рендан ѓумбир. Една лажица здравје секое утро.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот