Муабет со Даниел Николовски: Се восхитувам на македонската жена, има безвремена убавина!

Неодамна, поп дивата Ријана на Инстаграм ја пофали шминката на Елена Ристеска благодарение на интервенцијата на македонскиот популарен мејк-ап артист Даниел Николовски. И ете причина да го почнеме муабетот со Даниел.

-Секогаш велам дека секој труд резултира со успех и токму вакви приказни кои доаѓаат како круна на мојата работа , како едно неизмерно признание, ми се мотив секогаш да бидам во тек со трендот кој го налага мојата професија за истото да резултира со токму вакви успеси. До сега, можам да се пофалам дека сум имал прилика да работам промотивни кампањи за многу други познати брендови и интернет страници кои ми овозможиле голема промоција на мојата работа, меѓутоа оваа објава од страна на „Фенти Бјути“ е едно огромно признание кое неизмерно ми значи и за кое морам исто да се заблагодарам на дефинитивно една од најубавите Македонки, Елена Ристеска, чија убавина никогаш не проаѓа незабележана, вели Даниел во муабетот за Слободен печат.

Кога сфати дека сакаш да станеш мејк-ап артист? Имаше ли некој конкретен момент?

-Со оглед на тоа дека мојата мајка е, исто така, фризер, јас израснав поврзан со уметноста и, реално, никогаш немав двоумење околу тоа што сакам да бидам. Па така, кај мене, сѐ некако спонтано си дојде, а коцките за градење кариера се редеа полека, но, сигурно. И, ете ме, денес сум дел од небото на уметници кадешто единствено квалитетната работа може да ти донесе успех.

Забележливо е дека кожата на твоите модели е секогаш совршена и светла. Дали се фокусираш особено на кожата кога шминкаш?

-Дефинитивно, според мене, најважен дел од шминката е подлогата и тенот. Тоа е како темел на куќа. Доколку не е добра основата, нема ни простор да се направи квалитетен производ, во случајов, шминка. Се трудиме, со помош на мојот тим, секогаш да дејствуваме со вистинските производи за типот на кожа, за да имаме совршена подлога за долготрајна и убава шминка.

Со кој козметички бренд преферираш да работиш?

-Квалитетната козметика и шминка не е секогаш мерило според тоа колку чини, иако во нашето студио се користи квалитетна и професионална козметика и шминка за да имаме долготрајност на истата. Таа е комбинација на неколку козметички брендови. Мој омилен, во моментот, е брендот Наташа Денона .

Твојот Инстаграм профил има 256 илјади следбеници, се сметаш ли за „инфлуенсер“? Колку социјалните мрежи ти помагаат во работата, а кога можат да наштетат?

-Не се сметам за инфлуенсер ниту пак, искрено, сум некој кој постира постојано и губи многу време на социјалните мрежи . Имам договор со неколку светски брендови, кои за жал, не се достапни во продажба кај нас, а мојата задача е да работам на нивна промоција. Па, со оглед на тоа, секогаш ми е задоволство да споделам некоја шминка и фризура со моите „следбеници“, која би послужила како инспирација. Социјалните медиуми се од голема помош за работата, а никој не те обврзува да си ја споделуваш приватноста.

Си се изнагледал женски лица пред да им биде нанесена шминка, колку Македонките се негуваат?

-Македонската жена има безвремена убавина и токму поради тоа со малку труд се постигнува многу. Сметам дека негата е многу важна работа за една жена, иако кај нас сѐ повеќе девојките преферираат брза естетска корекција отколку нега. Но, сепак, и тоа е право на избор. Јас немам ништо против доколку тоа некого го прави среќен.

На која личност од нашата земја и се восхитуваш, а која сакаш да ја нашминкаш?

-Дефинитивно се восхитувам на македонската жена. А околу тоа кој од македонската сцена би сакал да го нашминкам, не можам да се сетам, од причина што после десет години работа, не знам дали има естрадна личност со која не сум соработувал.

Која е грешката што најчесто ја гледаш на нашминканите Македонки?

– Не ми се допаѓа многу шминка и менување на личниот опис. Противник сум на секој кој тоа го прави, не поради фактот што е погрешна шминка, туку поради тоа што секоја жена, и тоа како, има природна убавина која само треба да ја истакне или доколку има недостаток да се корегира за да може да ужива во себе и сопствената физиономија. Самодовербата и насмевката се најмоќната алатка за добар изглед .

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот