Муабет со Аверел: Нашите манекенки не вложуваат ништо, ни ментално ни физички, за да успеат!

Со нашата легенда во модна фотографија, Зоран Поповски – Аверел, муабетиме на тема модна фотографија и македонски модели.

-Со фотографија се бавам половина век. Имав среќа, во времето на раните училишни денови, кога училиштата организираа натрпеварувања по математика, физика и слично, но и по фотографија, да бидам вметнат во фотографија, без да сакам. Професорите инсистираа јас да бидам тој што ќе се натпреварува во фотографија. И по некое чудо, победив на тие училишни натпревари. Следуваше победа на натпреварот во Белград, па ме испратија во Москва, и таму победив. Тие четири години на последователни победи на натпреварите, ми дадоа желба и сам да почнам да експериментирам во фотографија, со тоа што ќе додадам свој личен белег. Стартував многу скромно, немајќи сопствен фотоапарат, туку го позајмував од соседи и пријатели, а фотографијата беше, во тоа време, за наши услови, скапа. Тоа беа моите први почетоци во кои ја засакав фотографијата, прво како еден вид на празнење, а подоцна како уметност, – се сеќава модниот фотограф Аверел на своите почетоци.

Да направиме споредба во моделството меѓу поранешна Југославија и денешна Македонија.

-Бидејќи работев фотографија во едно време кое беше сосема поинакво од денешното, можам да се сетам на убави и на помалку убави моменти, особено откога феноменот на жената, како биетие, почна често да биде присутна во моите фотографии. Така, уште во раните гимназиски денови почнав да фотографирам девојки кои, за тоа време, беа прилично убави. Тогаш, во поранешна Југославија, неколку списанија организираа разни избори за убавина и мода. Имав среќа, во тие рани 80-ти години, да успеам со Надица Георгиева, како девојка која стартуваше, да победи на престижниот натпревар за убавина „Елите топ модел“. Оттогаш, сите тие модни списанија често ме канеа на нивни фотосесии и почнав да се дружам и да соработувам со нив. Тоа беа времиња на еден убав ентузијазам, кога модата имаше друг белег. Иако Југославија беше далеку од светските збиднувања на овој план, сепак, имаше еден почеток на третирање на модата како на забавен дел од човечкиот живот. Во тој период се истакнаа некои манекенки кои успеаа и на светски план, како Нина Газибара и Лилјана Тица.

Колку нашите модни агенции инвестираат во своите модели?

-Македонија, кога се осамостали, почна да чекори храбро и во уметничките и во модните води. Се отвоија неколку модни агенции и имаа прилично добар „старт“. Масовно се анимираа и регрутираа девојчиња кои многу ја сакаа модата. Тој ентузијазам вроди плод во првите години. Се случуваа големи модни настани на нашето „Сајмиште“, кои беа масовно посетени, се бараше билет повеќе. На модните ревии доаѓаат бројни видни личности, па и политичарите. Потоа, следуваше период кога модата малку подзастана, кога агенциите се заситија од премногу членки од кои, некои, не си го заслужуваа местото. Беше тренд да се биде во некоја модна агенција. Подоцна се избистрија работите и останаа само неколку модни агенции кои и денес работат. Но, за жал, од оправдани и помалку оправдани причини, модата малку згасна во смисол на недоволно финансирање на модните настани и избори на убавина, кои почнаа да личат многу ефтино. Средствата за таквите манифестации се многу скромни. Не ги обвинувам сопствениците на агенциите и модните куќи, кои се обидуваа да направат некој убав настан, но сè тоа ни од далеку не наликуваше на нешто светско. Ова си дозволувам да го кажам, бидејќи присуствував и на многу светски настани кадешто секој беше организиран беспрекорно – не затоа што беше „покриен“ со пари, туку затоа што, позади тоа, стоеше една голема едукација, а сите тие модели беа „дебело“ обучувани од своите модни агенции како да работат, како да се хранат, што да прават. Кај нас пак, модните агенции ги интересира само профитот, што е нормално, и ги разбирам, но не вложија ниту еден денар во едукација на моделите ниту во усовршување на нивните тела и лица. Затоа резултатите се такви какви што се. Имаме прекрасни девојки кои би можеле да направат успех, но за жал, сè уште се вртиме околу импровизацијата која понатаму не поминува. Токму затоа преубави девојчиња се откажуваат, гледајќи дека  нема да имаат никаков „финиш“.

Како една наша моделка може да успее во свет?

-Ова прашање често ми го поставуваат пријателите. А јас, јасно и децизно велам дека, кога една девојка поради финансиски средства да не може да замине во странска држава и да се обиде да влезе во модниот свет, има други поедноставни начини. И светските модни агенции укажуваат на начинот дека една девојка треба да изработи професионални фотографии, а тие да се испратат на агенцијата преку Интернет. Ако таа девојка и се допадне на агенцијата, понатаму самата агенција ќе повлече свои „конци“ околу нејзиниот ангажман и бргу се завршуваат работите со професионален договор. Нашите девојки сè уште се заглавени во виртуелниот свет на социјалните мрежи, но и во сопствените фотографирања со мобилните телефони, мислејќи дека се убави ако се разголат или дека интересот за нив ќе биде голем ако направат секси поза. Страшно грешат. Модата не бара вулгаризирање, туку станува збор за друг концепт на естетика.

Што им недостига на македонските девојки за да успеат во странство?

-Во принцип, македонската девојка не само што не е информирана, туку греши и кон самата себе. Мислејќи дека убавината е вечна и дека ќе трае без разлика каков живот води, а обично знаеме каков живот води, ниедна од нашите девојки не знае како изгледа морков или цвекло. Едноставно, се хранат со тостови, хамбургери, пици, се пие кока-кола, виски, пушат по 20 цигари на ден, никогаш не вежбаат и сакаат да изгледаат убаво. Точно, таквата девојка ќе изгледа убаво уште две-три години, но потоа стигнува казната со последиците. Друго, во принцип, тоа се и несреќни девојки бидејќи целата своја убавина ја „адресираат“ кон идниот партнер, а не кон модата. Модата е само изговор, дека ако си манекенка си, демек, убава, а не вложуваат ништо, ни ментално ни физички да бидат манекенки. Тој дисбаланс на барање и на желби е манијакален. И никогаш ниедна девојка нема да направи успех додека се држи за ваквите принципи.

Кои актуелни македонски модели имаат предиспозиции да супеат во светот?

-За жал, не можам да кажам многу имиња на македонската сцена кои би направиле светски успех. Веќе знаеме за Катарина Ивановска… За сега, мислам дека Елена Реи многу добро работи и добро изгледа, и уште неколку девојки кои јас личнио ги познавам би можеле да направат успех. За жал, тие девојки сè уште не можат да се „одлепат“ од балкансото ниво, работат како келнерки или како хостеси, а се задоволуваат со ситни работи. Затоа им посакувам што побрзо да се „одлепат“ од ова банално секојдневие, ако имаат желба за поголеми модни успеси од светски калибар.

Фотографија: Аверел

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот