Му наплатиле 2 евра за еспресо, ги пријавил во полиција: Кафулето добило казна од 1.000 евра

италија
Кафулето „Ditta Artigianale“ во Фиренца / Фото: Принтскрин/Инстаграм

Кафуле во Италија доби казна од 1.000 евра откако муштерија ги пријавил сопствениците во полиција бидејќи му наплатиле две евра за еспресо, цена која не била видлива на ценовникот.

Франческо Санапо, сопственик на кафулето „Ditta Artigianale“ во Фиренца вели дека се чувствува скршен поради казната. Тој вели дека клиентот се пожалил дека цената не била на ценовникот зад шанкот и покрај фактот што таквите информации биле прикажани на дигиталното мени, достапно преку „QR“ код.

Тој исто така објасни дека еспресото е поскапо од другите кафиња бидејќи се прави од зрна од одредена плантажа во Мексико.

Поради правилото кое бара од кафулињата во земјата цените да бидат видливи зад шанкот или на ценовникот на масата, полицијата изрече висока казна за кафулето и покрај аргументот на Санап дека на клиентите им е достапна дигитализирана верзија на ценовникот.

„Ме казнија затоа што некој се навреди што платил две евра за кафе без кофеин. Дали ви се верува?“, го почна своето видео обраќање незадоволниот Санапо на неговиот фејсбук-профил.

„Овој закон треба да се промени бидејќи во спротивно 99,9 проценти од баровите и рестораните би биле казнети. Тешко им е на луѓето да сфатат дека има кафиња кои чинат повеќе од едно евро. Кафињата направени од луѓе кои работат напорно. Не се работи само за производителите, туку има и баристи кои учат како да го направат најдоброто можно кафе, но не, се навредувате затоа што плаќате повеќе од едно евро. Затоа италијанската индустрија за кафе пропаѓа, умира“, додаде тој.

„Денес, верувам, ниту еден бар, кафуле или ресторан во Италија не може да ги прикаже сите нивни цени зад шанкот. Се разбира, имаме „QR“-код, таму можете да видите сè што сакате. Но, тоа не е доволно за нив. Не ми се верува дека имаме закон од 50-тите… За квалитетот треба да се плати“, заклучи тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот