МТСП: Надоместот за попреченост од наредната година ќе се покачи за 15 проценти

фото Архива

Министерството за труд и социјална политика во врска со најавениот  протест на Коалицијата „Менуваме” вели дека министерството интензивно работи на унапредување на инклузијата на лицата со попреченост во нашата држава и најави зголемување на паричниот надомест за оваа група граѓани за 15 проценти од следната година.

Потврда за унапредување на инклузијата на лицата со попреченост, според МТСП, е и постојаното проширување на мрежата на дневни центри за децата со попреченост.

-Неодамна МТСП го отвори дневниот центар за лицата со попреченост во Липково, а во тек е и изградба на центри за деца со попреченост и во општините Делчево, Чашка, Боговиње и во Скопје. МТСП веќе информираше дека минатата недела склучи и два нови договори за соработка со општините Карпош и Тетово, со поддршка на Светска Банка, за отворање на дневни центри за деца со попреченост. Овие два центри преку стручните тимови ќе обезбедуваат индивидуални и групни третмани, според претходна процена на потребите на вкупно 62 деца со попреченост, велат од МТСП.

Оттаму потенцираат дека целосната и доследната имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ОН е политика на која МТСП и министерката Јагода Шахпаска работат интензивно.

-Но, тоа е процес кој не може да се заврши за неколку месеци, туку се потребни системски и одржливи решенија, особено ако претходно немало никаков напредок на ова поле. Министерката Шахпаска неодамна одржа средба со претставници на Коалицијата „Менуваме” и информираше дека сите нивни барања во основа се дел од агендата на Министерството. Во однос на барањето за зголемување на надоместокот заради попреченост, министерката Шахпаска укажа дека е предвидено покачување на износот за најмалку 15 проценти. Поради пандемијата со Ковид-19 неговата реализација беше пролонгирана за наредната година, велат од МТСП.

Во делот на зголемување на инклузијата и независноста на лицата со попреченост, МТСП информира дека заедно со Националниот сојуз на слепи лица и УНДП неодамна го пуштиле во употреба и аудио читачот-апликација за лица со оштетен вид, кој овозможува олеснет пристап до информации, независност во движењето и завршувањето на секојдневните обврски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот