МСУ: Теоретичари и експерти онлајн зборуваат на тема „Без/редие во светот на уметноста“

Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје во рамките на интердисциплинарната програма почна со онлајн предавања на тема „Без/редие во светот на уметноста“. Предавачи на темата се водечки автори, теоретичари и експерти, како Сантијаго Забала, професор на Универзитетот „Помпеу Фабра“ во Барселона, кој предавањето го одржа на 29 октомври, Шантал Муф, професорка на Вестминстер Универзитетот во Лондон и воедно водечка политичка теоретичарка, која предавањето ќе го одржи на 14 ноември, Ејал Вајзман, професор на Универзитетот Голдсмитс во Лондон и основач на колективот „Форензичка архитектура“ (25 ноември), Кети Чукров, професорка на Универзитетот за хуманистички науки во Москва (10 декември) и Џеф Диаманти предавач на Универзитетот во Амстердам (17 декември).

Сите предавања се одржуваат преку платформата Зум, а можат да се следат преку веб и ФБ-страницата на МСУ. Автор на програмата е Тихомир Топузовски, раководител на интердисциплинарната програма во МСУ и главен и одговорен уредник на списанието „Големото стакло“. Основните определби на програма се да претставува и промовира современи критички форми на знаење, методологии за истражување, како и анализи и разбирање на уметничките и културните практики.

– Циклусот предавања именуван „Без/редие во светот на уметноста“ е инициран од „без/редието“ на конкретните ситуации и кризи, како бегалската криза, пандемијата, еколошките предизвици и климатските промени, општествените поделби, антагонизми и исклучувањето на групи и на поединци од економска активност и нивното политичко учество. Ова без/редие на светот кој го познаваме се рефлектира на самиот „свет на уметноста“ институционално поставен во динамиката на економскиот и политичкиот поредок. Оттаму, оваа иницијатива ја адресира важноста да се дискутира на актуелните теми и предизвици, како и да се промовираат серија теоретски пристапи и емпириски анализи за разбирање на културните и уметничките практики во постојните контексти – објасни Топузовски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 56, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот