МСУ стана членка на глобална мрежа експерти од музејската дејност

Музејот на современата уметност – Скопје стана дел од Меѓународната комисија на музеи и колекции на модерна уметност (CIMAM), во која членуваат директори и куратори од светски познати музеи, колекции и архиви за модерна и современа уметност.

– Напорната работа, исклучителната посветеност и грижа за колекцијата, излегувањето од нашите граници на меѓународната сцена, богатата програма и „Големото стакло“, беа препознаени од страна на ЦИМАМ, единствената меѓународна заедница, која ги застапува интересите на професионалците во музеите на модерната и современата уметност и која ги нуди ресурсите и можностите за размена, кои се неопходни за развој на оваа дејност. Ова членство дополнително ја зацврстува позицијата на МСУ помеѓу најреномираните музеи на современа уметност во светот – истакнува Мира Гаќина, директорка на МСУ – Скопје.

ЦИМАМ е дел од Меѓународниот совет на музеи – ICOM (ИKОМ), кој е мрежа на повеќе од 35.000 членови – музејски професионалци, кои ја претставуваат глобалната музејска заедница.

Основана во 1962 година, визијата на ЦИМАМ е свет во кој се препознава и почитува придонесот на музеите, колекциите и архивите на модерната и современата уметност за културната, социјалната и економската благосостојба на општеството. Целта на ЦИМАМ е да поттикне глобална мрежа на музеи и музејски професионалци од областа на модерната и современата уметност со цел да се подигне свеста и да се одговори на потребите на овие музеи. Со генерирање дебата и охрабрување на соработка помеѓу уметничките институции и поединци во различни фази на развој, ширум светот, ЦИМАМ игра клучна улога во растот на секторот.

Членовите на оваа глобална мрежа еднаш годишно одржуваат конференција на која дебатираат за теоретски, етички и практични прашања поврзани со организирање изложби, креирање програми, споделување искуства и посети на најистакнатите уметнички институции на современата уметност во светот. Првата годишна конференција на ЦИМАМ се одржа во 1962 година во Хаг. Оттогаш, Комитетот прослави над 50 конференции, кои се одржаа во 30 различни градови низ светот.

ЦИМАМ се залага за воспоставување на професионални кодекси на пракса и етички стандарди за институциите, кои се членки. „Museum Watch“ е програма на оваа мрежа – алатка која ќе им помогне на професионалците во модерната и современата музејска уметност, како да се справат со критични ситуации, кои влијаат на способноста на музеите и поединците да ги задржат своите професионални кодекси на практики.

ЦИМАМ во рамките на својата програма обезбедува и грантови за патувања, што подразбира поддршка на кураторскиот и истражувачки развој на поединци преку нивното присуство на Годишната конференција. Од 2005 година до денес, ЦИМАМ поддржа повеќе од 300 млади кустоси и директори на музеи, кои имаа прилика да присуствуваат на Годишната конференција, известија од МСУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот