Мртов новинар го посрамоти Бајден

Ветувањето не е исполнето. Бајден го разурна кредибилитетот на САД, кој тукушто почнува да го создава. Одговорот на администрацијата се споредува со однесувањето на Доналд Трамп, кој го штитеше принцот, оневозможуваше да се разоткрие вистинската природа на саудискиот режим и ѝ забрани на ЦИА да го објавува извештајот, кој беше готов уште во 2019 година

Отсуството на контакти е преблага казна за суровиот принц, кого Бајден уште во ноември 2019 година го предупредуваше: „Кашоги бил убиен и распарчен по наредба на престолонаследникот. Ќе сториме сѐ да ја платат цената.“

Бајден пропушти можност да заземе принципиелна позиција и јавно да потврди дека САД не го поддржуваат престолонаследникот Салман како иден владетел

Вашингтон се брани со „деликатноста“ на односите со најблискиот арапски сојузник на Блискиот Исток, притоа и најголем извозник на нафта во светот и земја што купува американско оружје во вредност од стотина милијарди долари

Ослободен од секаква одговорност, Салман тешко дека ќе го промени својот апсолутистички начин на владеење. Извештајот на ЦИА не го обврзува, а преку Министерството за надворешни работи веќе порача дека документот содржи „негативни, лажни и неприфатливи проценки“

Претседателот Џо Бајден е решен на Америка да ѝ го врати лидерското место во слободниот свет, но на патот му се испречи човек што е мртов две и пол години – Џамал Кашоги.

Прифаќајќи да го објави извештајот на ЦИА, кој заклучува дека убиството на саудискиот новинар што живееше во егзил во САД лично го одобрил саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман, Бајден запре на половина пат.

Ако решил од сега да комуницира само со кралот Салман и ако администрацијата забранила визи за 76 саудиски државјани поврзани со убиството на критичарот на принцот, зошто наследникот на тронот помина без санкции?

Отсуството на контакти е преблага казна за суровиот принц, кого Бајден уште во ноември 2019 година го предупредуваше: „Кашоги бил убиен и распарчен по наредба на престолонаследникот. Ќе сториме сѐ да ја платат цената и од нив ќе направиме парии какви што се“.

Ветувањето не е исполнето. Бајден го разурна кредибилитетот на САД, кој тукушто почнува да го создава. Одговорот на администрацијата се споредува со однесувањето на Доналд Трамп, кој го штитеше принцот, оневозможуваше да се разоткрие вистинската природа на саудискиот режим и ѝ забрани на ЦИА да го објавува извештајот, кој беше готов уште во 2019 година.

Саудијците и 11 септември

Близу 2.000 членови на семејствата на жртвите на терористичкиот напад на 11 септември 2001 година сега бара да се објави и тајниот извештај на ФБИ за улогата на Саудиска Арабија, бидејќи се знае дека од 19 терористи, 15 беа Саудијци. „Дали ФБИ работи за американскиот народ или за Кралството Саудиска Арабија?“, прашуваат во писмо до претседателот и до државниот обвинител.

Извештајот не донесе ништо ново во однос на се што се слушна по бруталната ликвидација на Кашоги во октомври 2018 година. Познато е дека 15 саудиски оперативци пристигнале во Истанбул со два приватни авиони, дека го чекале колумнистот на „Вашингтон пост“ во зградата на конзулатот и дека потоа никој повеќе не го видел. Деловите на распарченото тело не се пронајдени.

Бајден пропушти можност да заземе принципиелна позиција и јавно да потврди дека САД не го поддржуваат престолонаследникот Салман како иден владетел. Тоа би поттикнало реакции во Кралството. Можеби Бајден и ќе се обиде да го наговори кралот Салман да одреди нов престолонаследник, но тоа се веќе заткулисни игри, кои дополнително потврдуваат дека е пропуштена можност принцот да биде санкциониран на некој начин.

Сето тоа не е доволно, сметаат критичарите на „помилувањето“ на Салман и потсетуваат дека, ако веќе човековите права бидат во средиштето на американската надворешна политика, тогаш не може да помине без казна некој што е директно вмешан во убиство.

Деликатни односи

Изјавата на државниот секретар Ентони Блинкен дека САД нема да преземат никаква акција против принцот разлути многумина. Ако не му се наметнати финансиски санкции, што е комплицирано, бидејќи тешко е да се раздвојат неговите пари од државните, имаше други можности. Ништо од тоа.

Вашингтон се брани со „деликатноста“ на односите со најблискиот арапски сојузник на Блискиот Исток, притоа и најголем извозник на нафта во светот и земја што купува американско оружје во вредност од стотина милијарди долари.

– Веруваме дека постојат поефикасни начини да се обезбеди ова повеќе да не се повтори, а да се остави простор за соработка со Саудијците – вели прес-секретарката на Белата куќа. Нејзиното објаснување само го потврди впечатокот дека прагматичните интереси се поставени над правдата.

Конгресменката Илхан Омар најави дека ќе поднесе предлог-закон за казнување на принцот, а нејзиниот колега, исто така демократ, Адам Шиф повика на „лична одговорност“ и вели дека администрацијата морала да стори повеќе за да биде санкциониран Салман.

– Треба уште многу да се стори за да се обезбеди саудиската власт да ги почитува меѓународните закони. Неопходни се лични последици за МбС – вели демократскиот сенатор Рон Вајден, користејќи ја вообичаената кратенка за престолонаследникот Мохамед бин Салман. „Тој треба да биде санкционира, вклучувајќи и финансиски, со ограничување на патувањата и правно, а и саудиската влада треба да претрпи тешки последици сѐ додека тој е во власта“.

Страшна порака

Свршеницата на убиениот новинар, Хатиџе Џенгиз, побара „казнување без одлагање“. Групите за човекови права го поздравуваат објавувањето на извештајот, но истакнуваат дека е неопходно санкционирање на престолонаследникот за да биде задоволена правдата.

– Факт е дека САД санкционирале толку многу соработници на принцот, а него лично, испраќа страшна порака дека колку што сте повисоко во власта, толку е поверојатно да можете да извршите тешко злосторство без да бидете казнети – смета Андреа Прасов, заменик-шеф на вашингтонската група „Ворлд рајтс воч“.

Ослободен од секаква одговорност, Салман тешко дека ќе го промени својот апсолутистички начин на владеење. Извештајот на ЦИА не го обврзува, а преку Министерството за надворешни работи веќе порача дека документот содржи „негативни, лажни и неприфатливи проценки“. Идеално решение би било престолонаследникот да биде изведен пред некој меѓународен суд, под покровителство на Обединетите нации, каде би се организирал процес што не би бил жртва на американските ни на чии било други национални интереси. Звучи нереално.

Дојдовме до вистината, но не и до правдата, која е селективно задоволена за да не ја поткопа прагматичната иднина на американско-саудиското сојузништво. Кралството останува многу важен партнер.

Нарачаното убиство е спротивно на „американските вредности“, велат во Вашингтон, но наместо промоција на демократијата и на човековите права, Бајден ги предаде американските деловни и воени интереси во рацете на младиот деспот, кого еднаш го опиша како „силеџија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот