Мрак и тишина во Градот на светлината (ФОТО)
Улиците на Париз и уште осум француски градови се пусти, откако во земјата е воведен полициски час заради сузбивање на заразата од коронавирус.
Полицискиот час од 21.00 до 06.00 часот ќе биде на сила најмалку 4 недели во Париз, Лион, Тулуз, Монпеље, Сент Етјен, Марсеј, Руан и Гренобл.
Таа мерка ја објави претседателот на Франција Емануел Макрон, откако во земјата се забележани повеќе од 30.000 новозаразени во еден ден.
Макрон рече дека полицискиот час е неопходен за да се спречи пренатрупаноста на болниците во градовите кои се најголеми жаришта на епидемијата.
Полицискиот час опфаќа речиси 20 милиони луѓе, а на обезбедувањето почитување на таа мерка се ангажирани дополнителни 12.000 полицајци.
Многу сопственици на кафулиња и ресторани негодуваат поради новите мерки. Забраната за движење која поради коронавирусот беше на сила од пролетта, им нанесе големи загуби на угостителите.
Сопственикот на неколку угостителски објекти во Париз Авиер Денамур рече дека „има право да го доведува во прашање пристапот на владата“ и оцени дека новата мерка е „катастрофална за таа индустрија“.
Тој наведе дека полицискиот час не би требало да почне пред 23 часот, зошто тогаш „не би биле уништени“ и додаде дека „нема докази дека разликата од неколку час би имаша некаков ефект на циркулирањето на вирусот“.
Заразата од коронавирус е потврдена во Франција кај повеќе од 860.000 луѓе.
Од последиците на инфекциите починаа повеќе од 33.300 луѓе, што Франција ја става на деветто место во светот и четврто во Европа.
(Извор Бета)