
Можно укинување на царините на Трамп: Американските автомобили не се целосно американски
Американскиот претседател Доналд Трамп ја навести можноста на автомобилската индустрија да ѝ се даде привремено ослободување од тарифите што тој претходно ги воведе, за да им даде време на производителите да ги прилагодат синџирите на снабдување – пишува Политика.
Препорачано
„Размислувам нешто за да им помогнам на некои од автомобилските компании. Ним им треба малку време бидејќи ќе произведуваат овде, но мора да ги преселат погоните од Канада, Мексико и други места“, рече Трамп.
Доналд Трамп и неговите сојузници понудија решение за да се избегнат поскапувањата поради царините за автомобили и повиците за купување само американски возила.
Трамп за NBC News на 29 март изјави дека „не му е гајле ни малку“ ако странските производители на автомобили ги зголемат цените поради тарифите.
„Се надевам дека ќе ги зголемат цените бидејќи ако го сторат тоа, луѓето ќе купуваат автомобили од американско производство“, рече Трамп, додавајќи дека ги имаат и за извоз.
Сепак, многу експерти од автомобилската индустрија велат дека не е лесно да се заобиколат поскапувањата со купување американски автомобили, бидејќи дури и оние што се склопуваат во САД користат увезени автоделови.
Мет Блант, претседател на Американскиот совет за автомобилска политика, чија организација ги претставува „Форд“, „Џенерал моторс“ и „Стелантис“, рече дека ги поддржуваат целите на Трамп за зголемување на домашното производство. Но, тој предупреди дека широките тарифи за делови може да ги поткопаат тие цели бидејќи им треба време да се приспособат.
Трамп објави царини од 25 отсто за автомобили на крајот на март, нарекувајќи ги постојани, но сега сè повеќе се повлекува и ги ревидира своите мерки за ублажување на политичките и економските последици.