Можно олабавување на рестриктивните мерки

скопје луѓе ресторани кафичи угосители кафани
Кафуле во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Вчерашната ковид-статистика покажа пад на бројот на новозаразени за три до четири процентни поени. Ако претходните денови бројот на нови случаи од вкупниот број на тестирани се движеше околу девет и 10, вчера тој процент беше 6,5. Од направени 1726 тестирања, вчера беа регистрирани 112 позитивни на коронавирусот или 6,49 отсто. Во претходното деноноќие беа регистрирани и 12 починати и оздравени 419.

Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави можно олабавување на мерките ако граѓаните и угостителските објекти ги почитуваат протоколите. Тој рече дека очекува олабавување на рестриктивните мерки во претстојниот, зимски период, доколку граѓаните и угостителските објекти ги почитуваат протоколите.

– Ако сите ги почитуваме мерките, бројките ќе паднат и ќе има можност за олабавување. Убеден сум дека ќе има олеснувања во зимскиот период ако вака се почитуваат мерките како сега, и од страна на угостителските објекти и од страна на граѓаните, но не можам да кажам дали ќе се укинат, истакна Бектеши.

Вчера внимание предизвика веста дека моноклонална „коктел терапија” со антитела, која лани ја прими поранешниот претседател на САД Доналд Трамп, ја има и кај нас и досега неа ја примиле 20 заболени од Ковид-19 со коморбидитети и хронични болести.

– Моноклонална „коктел терапија” со антитела се дава кај пациенти кои имаат повеќе коморбидитети и хронични болести, во претходна консултација со специјалистите и супспецијалистите кои ги третирале пациентите од почеток на појавата на инфекцијата со Ковид-19. Вкупно се набавени 1200 дози од лекот, а досега се искористени околу 20-тина дози, истакнуваат од Министерството за здравство.

Станува збор за најсовремен метод на терапија за пациенти заболени од Ковид-19. Терапијата е коктел од две моноклонални антитела и се дизајнирани специјално за да ја блокираат инфективноста од САРС-КоВ-2 вирусот што го предизвикува заболувањето со Ковид-19.

Во борбата против Ковид-19, од вчера кај нас достапна е трета доза вакцина за здравствените работници, граѓаните над 60 години и лицата кои имаат имунокомпромитирана здравствена состојба, а кај кои има поминато шест месеци од примената ревакцина.

Во текот на минатата седмица, како што се посочува, јавните здравствени организации беа информирани дека здравствените работници независно од возраста, може да примаат трета доза вакцина, во кој било од вакциналните пунктови во земјава.

Трета доза вакцина може да примат и граѓаните кои се вакцинирале во странство. Тие, задолжително на вакциналните пунктови, претходно ќе мора да приложат валиден документ од примените две дози вакцина, како би биле евидентирани во националниот систем „Мој Термин”. Трета доза вакцина може да се прими без да се закажува термин, како што е и за првите две дози. Вакцинацијата со трета доза се спроведува на сите вакцинални пунктови во државата, каде во тек е вакцинација и ревакцинација, информираат од Министерството за здравство.

Досега се имаат вакцинирано над 780 илјади граѓани, а ревакцинирани се околу 715 илјади.

Со последните бројки, барем една доза вакцина имаат примено 55 отсто од населението над 40 години и 31 отсто од населението од 18 до 39 години.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот