Можно е да нема седница за гласање доверба на Владата!?

Во четврток на собраниска седница, по барање на опозицијата, која тврди дека има мнозинство, ќе се гласа за доверба на Владата, Фото: Архива

Во жестоки меѓупартиски обвинувања за „купување“ пратеници и во притисоци врз премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев да (не) ја поднесе најавената оставка, барем од премиерската функција, помина и денешниот ден. Во четврток на собраниска седница, по барање на опозицијата, која тврди дека има мнозинство, ќе се гласа за доверба на Владата.

Од СДСМ повторуваат дека се водат секојдневни консултации и се одржуваат работни состаноци со партнерите во коалицијата од парламентарното мнозинство, како и во рамките на највисокото партиско раководство.

– СДСМ продолжува да разговара и да иницира соработка со сите прогресивни и демократски сили, со цел да обезбедиме стабилна иднина на нашата држава и на целиот наш народ – велат од партијата.

И од власта и од опозицијата тврдат дека имаат мнозинство – едните за да останат, другите за да ја преземат власта. Откако пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи најави дека нема да гласа за уривање на Владата ако во опозициското мнозинство остане Левица, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, му понуди на Реџепи тој да избере 19 пратеници од неговата партија и заеднички да поднесат нова иницијатива за доверба на Владата, без пратениците на Левица.

Доколку СДСМ и коалицијата немаат мнозинство, можно е Заев утре вечер или во четврток изутрина да ја достави оставката до Собранието и спикерот само да ја констатира. Бидејќи со тоа паѓа и Владата, тогаш воопшто и нема да почне седницата за гласање доверба, иницирана од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Беса, Алтернатива и Левица. Друга варијанта за која се шпекулира е актуелната власт да го тестира новото мнозинство со обезбедување кворум. Ако нема 61 пратеник што ќе гласа против Владата, тогаш повторно нема да има собраниска седница.

Се очекува дека сопартијците ќе го убедуваат Заев и натаму да ја предводи СДСМ со образложение дека сега не е време за оставка од лидерската позиција, која тој усно, во пакет со оставката од премиерската функција, ја најави ноќта на 31 октомври, по поразот на социјалдемократите на локалните избори.

Официјално, никој од партиското раководство не коментира дали воопшто Заев, официјално, ќе ја поднесе оставката до партиските тела, кои треба да заседаваат вечерва. Во партијата молк и за тоа дали генералниот секретар, заменичката на лидерот и партиските потпретседатели ќе ги поднесат оставките, иако претходно за својата оставка од потпретседателската функција на Фејсбук информираше Мила Царовска, а СДСМ соопшти дека во оставка е целото партиско раководство. Од партијата само кусо велат дека Централниот одбор ќе расправа за актуелната состојба, за изборниот резултат и за следните чекори.

Претседателот на Социјалдемократската младина, Марко Михаилоски, во името на СДММ го повика Заев да се откаже од оставката.

„Секогаш сме ги почитувале Вашите одлуки, уште еднаш во име на младината бараме да останете предводник на новиот и реформиран СДСМ. Ваквите промени може да ги предводите само Вие, а СДММ ќе ви биде силата, најголем сојузник и поддржувач! Младите бараат одговорност за неуспесите и за неиспорачаните резултати, но цврсто веруваме дека само на чело со Вас, СДСМ може да се реорганизира и да продолжи уште посилно напред“, порача Михаилоски.

Наводно, ова барање има шанси да биде прифатено со оглед дека потекнува од самата партија. Едно од можните сценарија е Централниот одбор да не му ја прифати и официјалната оставка на лидерот. Оставката од лидерската се врзува и со оставката од премиерската функција, па можно е да се почека со првата, особено поради собраниската седница за доверба на Владата, која претседателот на Собранието ја закажа за в четврток.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот