Можниот мандатар тргна со навредливи изјави за Македонците: Трифонов слави, ама и провоцира

Изедначените резултати помеѓу ГЕРБ и Има таков народ, исто како во април, навестуваат дека и овој пат Бугарија нема лесно да состави влада. Тоа значи дека Македонија нема да има силен политички фактор со кој ќе може да ги затвори политичките прашања во спорот.

„Ќе иницираме преку Европската вселенска агенција двајца бугарски астронаути, маж и жена, да заминат во вселената, а ќе направиме напори со нив да патува и еден северномакедонски астронаут. Треба да престанеме да гледаме кон Земјата, туку да почнеме да гледаме нагоре“, рече завчеравечер во видеообраќање шоуменот Слави Трифонов, чија партија Има таков народ е најверојатниот победник на изборите во Бугарија и кој најави дека самостојно ќе состави влада, иако е јасно дека со освоените гласови тоа е невозможно. Тој дури ги објави и имињата на министрите во неговата влада во која тој нема да биде премиер.

Овој тазе политичар и претходно ги навредуваше Македонците нарекувајќи ги „северномакедонци“. Тој неговиот став за решавање на бугарско-македонскиот спор го кажа минатиот месец кога премиерот Зоран Заев замина на средби во Софија пред јунскиот самит на ЕУ и кога, како што пишуваше агенцијата БГНЕС, одбил да се сретне со Заев правдајќи се дека е зафатен со предизборни активности.

– Северна Македонија не може да започне преговори без да го исполни потребното. Сè додека Бугаринот не е спокоен во врска со историјата, што претставува и Република Северна Македонија, нашето мислење ќе биде исто како и на сите Бугари – додаде тој.

Изедначените резултати помеѓу ГЕРБ и Има таков народ, исто како во април, навестуваат дека и овој пат Бугарија нема лесно да состави влада. Тоа значи дека Македонија нема да има силен политички фактор со кој ќе може да ги затвори политичките прашања во спорот, со цел, ако не во октомври, барем на самитот на ЕУ во декември Софија да го тргне ветото и Скопје конечно да ги почне преговорите за членство со ЕУ. Бугарскиот претседател Румен Радев уште еднаш порача дека резултатот од изборите нема да го смени односот на Бугарија и дека „раководството во Северна Македонија мора само да ја отстрани блокадата“.

– Политиката на Бугарија кон Северна Македонија не зависи од тоа која влада е на власт и каков ќе биде парламентот, туку од водењето отворен конструктивен дијалог меѓу Скопје и Софија и тој треба да се води меѓу двата главни града, не во Брисел или Париз, и зависи од критериумите што ќе ги исполни Скопје за членство во ЕУ – изјави Радев, одговарајќи на новинарско прашање дали новата влада ќе ја смени политиката кон Скопје.

Според Радев, потребни се вистински, одржливи резултати за членство во ЕУ, како и промена на учебниците, спомениците, музеите и медиумите за искоренување на говорот на омраза.

Аналитичарите оценуваат дека политичката нестабилност во Бугарија продолжува. Според поранешниот пратеник Илија Димовски, до претседателските избори во октомври сè ќе биде како и последните месеци и ќе гледаме само времени решенија.

– Што да очекуваме во Македонија? Ќе нема промена на политиките на соседна Бугарија спрема нас. До претседателските избори ќе нема концентрирана политичка моќ и волја за отстапки и компромис. Ќе продолжат сериозните обвинувања за корупција и криминал, кој во некоја следна фаза може да опфатат и политичари од Македонија – вели Димовски за „Слободен печат“.

На домашната сцена, пак, траат партиските натегања околу предлог-резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за дефинирање на црвените линии во спорот со Бугарија. Од опозицијата ги повикуваат СДСМ и ДУИ да ја поддржат резолуцијата без менување, а од Алијансата за Албанците се изјаснија дека сакаат промени во текстот. Засега е неизвесно кога пратениците ќе ја разгледуваат резолуцијата затоа што спикерот Талат Џафери сè уште не ја закажал пленарната седница.

Од АА со соопштение се изјаснија дека е потребна поширока парламентарна дебата за резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ваквите теми и интегративниот процес во исто време се многу сериозни, заслужуваат посериозен институционален третман и не можат да се донесуваат одлуки само врз основа на политички и партиски изјави. Ние сме во стручна консултација и со домашните фактори, но и со меѓународниот фактор, со цел да не се дозволи никаква случајна последица. Потребна е вистинска дебата во највисоката законодавна институција. Да ги слушнеме сите детали, аргументите на партиите во Собранието и таму ќе ги откриеме нашите ставови“, соопшти АА.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера уште еднаш ги повикаа пратениците да ја поддржат резолуцијата за која велат дека е сублимат на ставовите на МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА.

Резолуцијата ги истакнува црвените линии и ги штити јазикот, нацијата и идентитетот. Тоа е рамка од која не смее да излезе ниту Зоран Заев, ниту која било друга влада. Очекуваме да се надминат партиските интереси и сите да застанат зад интересот на државата. Резолуцијата ќе биде национален став и како таква може само да ги зацврсти македонските позиции. Апелираме да не се наоѓаат изговори и низ Собранието да се кочи резолуцијата“, апелираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот