Можни се лажно позитивни тестови на ковид-19, инфекцијата трае седум дена

Ново британско истражување покажало дека тестовите за коронавирусот се толку чувствителни што може да откријат траги на неактивни вируси на инфекцијата што поминала пред повеќе недели, што би можело да резултира со лажно позитивни резултати, кои ги зголемуваат размерите на пандемијата, пишува Би-би-си.

Научниците од Универзитетот Оксфорд велат дека повеќето лица се заразни само седум дена, но тестовите може да покажуваат позитивен резултат и недели подоцна, што значи дека бројот на моментално заразени би можел да биде многу помал отколку што се смета.

Еден од авторите на студијата, професор Карл Хенеган, смета дека тестовите за ковид-19 наместо резултатот „позитивен/негативен“, би морало да имаат праг што нема да покажува позитивен резултат ако вирусот е присутен во мошне мала количина.

Тој смета дека остатоците од делови на неактивни вируси може делумно да објаснат зошто бројот на заразени лица во моментов во Велика Британија се зголемува, додека бројот на пациенти во болниците стагнира.

Кога се спроведува тест на новиот коронавирус, се добива резултат „позитивен/негативен“. Притоа нема показатели колку вирус има во примерокот и во колкава мера е тој активен. И лицето што во себе има голема количина вирус и оние на кои им останале само фрагменти на вирусот од инфекцијата што веќе поминала, ќе добијат ист резултат – позитивен резултат. Со оглед на тоа дека не е можно да се провери секој тест за да се утврди дали постои сѐ уште активен вирус, веројатноста за појава на лажно позитивни резултати би можела да се намали кога научниците би откриле каде би требало да се постави прагот, а на тој начин би се спречило луѓето да добиваат позитивен резултат врз основа на податоците за прележаната инфекција. Професор Хенеган, кој забележал грешка во начинот на кој се евидентираат смртните случаи, што го наведе англискиот Институт за јавно здравје на Британија да го подобри системот, вели дека доказите упатуваат на тоа „заразноста на коронавирусот се чини дека опаѓа по околу седум дена“.

Професор Хенеган вели и дека постојат сѐ повеќе докази според кои најголемиот број „нови“ поблаги случаи и луѓе што се повторно позитивни по карантинот или по отпуштањето од болница не се заразни, туку дека од нивниот организам едноставно се отстрануваат безопасните честички на вирусот, со кои нивниот имунолошки систем ефикасно се справувал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот