За голем број аналитичари и новинари во Германија, овие внатрепартиски избори беа „избори за душата на ЦДУ“
На оние кои се надеваа дека германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), партијата на Ангела Меркел, ќе тргне по некој нов пат, што на цела Германија, па со тоа и на Стариот континент може да му го промени курсот, резултатите од внатрепартиските избори им донесоа разочарување.
Победи единствениот од тројцата кандидати кои не нудат различна визија, цел и насока на изборите. Кандидати за наследници на германската канцеларка беа и конзервативниот Фридрих Мерц, човек кој иднината на Германија ја гледа во нејзиното не толку дамнешно минато, и Норберт Ретген, политичар на модерни идеи, кој сака да ја модернизира ЦДУ. Но, партиските делегати го избраа Армин Лашет.
Во својот говор пред решавачкото гласање, кога во вториот круг го совлада Мерц со резултат 521 наспроти 466 гласа, Лашет изјави дека „можеби не е човек кој ја изведува најдобрата претстава, но тој е Армин Лашет“, со специјални пораки за своето потекло, неговиот татко рудар, работничкото семејството и „вистинскиот, народен дух“.
По гласањето, во победничкиот говор, тој истакна дека „поважните избори допрва следуваат“, иако пораката од Маркус Зедер, водачот на ЦСУ и коалицискиот партнер на ЦДУ, покажа дека соработката ќе продолжи, па затоа Лашет без премногу проблеми би можел да стане нов канцелар.
За голем број аналитичари и новинари во Германија, овие внатрепартиски избори беа „избори за душата на ЦДУ“.
Лашет неколкупати повтори дека сака да се зачува статусот на ЦДУ како последна народна партија во Германија, која околу себе собира тврди конзервативци, зелени, граѓански ориентирани жители, либерали, сите под иста капа, од чија внатрешна страни, скриено, стои – „Made by Angela“.
Мерц, пак, тврдеше дека сака од ЦДУ да создаде поконзервативна партија, каква што беше порано, способна да ја поврати довербата на десничарските дезертери кои пребегаа кон популистичката Алтернатива за Германија (АфД) или целосно престанаа да гласаат. Од ваквиот резултат не се задоволни конзервативците во ЦДУ, кои веруваат дека за време на мандатот на Ангела Меркел целосно ја изгубија „препознатливата енергија и идентитет“.

Можеби таа позиција најдобро ја опиша главниот уредник на „Билд“, Џулијан Рајхелт. За него, Ангела Меркел, со митот што е создаден околу неа, е симбол на деполитизацијата на германското општество, како некој што успеа да ги поништи пресвртниците помеѓу конзервативците и либералите. Според неговите зборови, германската канцеларка неполни две децении ги поткраднува своите ривали со преземање од нивните политички платформи.
За сето тоа време, Лашет беше нејзин верен соборец и секогаш лојален партнер. Меѓутоа, дали ова може да ѝ направи проблеми на Германија во блиска иднина?
Пред неколку години, Лашет предупреди дека не е добро „да се демонизира Владимир Путин поради анексијата на Крим“, повеќепати го критикуваше Вашингтон за поддршката на бунтовниците во Сирија, кои сакаат да го соборат Башар ал-Асад, го бранеше и „Хјуавеј“…
Сепак, неговите блиски соработници тврдат дека е едно кога некој излегува во јавност како премиер на германската провинција Северна Рајна-Вестфалија, а сосема друго кога своите говори ќе ги пишувате од кабинетот на германскиот канцелар.
Преземено од „Недељник“ од Белград