Можеби коронавирусот мутирал, па затоа повторно се заразиле во кумановската болница

Јуни 2020, Скопје / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Оние кои го прележале коронавирусот стекнуваат некаков вид на имунитет, но непознаница е колку време тој ќе потрае, дали неколку месеци, неколку години или трајно.

Откако во Македонија вчера се појавија првите два потврдени случаи на реинфекција, каде здравствени работници од кумановската болница кои го прележале вирусот пред три месеци, сега повторно се позитивни, ги прашавме експертите, епидемиолози што ова значи.

Лекарите запрепастени, досега вакво нешто не виделе: Болничарка од Куманово прележала корона, сега пак е позитивна!

– Има вакви случаи во светот, во Кина, во Јужна Кореја, во Англија, Италија… Многу малку луѓе развиваат антитела после тоа, а и тие антитела не значат дека сте имун на вирусот. Тоа е апсолвирана работа во светот. Проблемот е и самата вакцина, колку време ќе создава имунитет. Има кинеска вакцина за која првите испитаници имале стопроцентен имун одговор, но таа е во фаза на испитување – вели директорот на ЦЈЗ-Скопје, епидемиологот Александар Стојанов.

Тезата дека и тие што го прележале вирусот, можно е да се повторно заразени без знаење, сепак е можна. Особено доколку се асимптоматски, овие лица е можно воопшто за тоа да не се свесни. Меѓутоа, неодамнешна корејска студија објавена на 19 мај, покажала дека оние кои по вторпат се заразени со коронавирусот, не ја пренесуваат заразата.

Во студијата испитани биле 285 пациенти кои после два негативни теста, повторно добиле позитивен тест. Истражувачите пронашле 790 контакти на овие пациенти. Ниту еден од овие контакти не се заразил од пациентот што бил реинфициран.

– Невозможно е да се тестираат повторно сите што прележаа. Кој ќе ги тестира новите случаи? Практично невозможно е ниеден систем тоа во светот да го издржи. Никој не знае точно колку асимптоматски има во државата – додава Стојанов.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека реинфекцијата на двајцата медицински работници во кумановската болница нема да придонесе да се воведат нови рестриктивни мерки.

Венко Филипче / Скопје, 29 јуни 2020 / Фото: Драган Митрески – Слободен печат.

– Во светот имаше многу случаи кога негативизирани пациенти повторно го добија вирусот. Во случајот станува збор за две вработени во кумановската болница. Едната пациентка била претходно асимптоматска а сега е со лесни симптоми. Другата била со лесни симптоми, а сега е случајно откриена зашто сакала да донира плазма, па ги направиле и тие тестови. Уште еднаш се покажува дека вируост е непознат. Ние правиме анализи на контактите и движењето на двете вработени и во рамките на болницата и во нивните приватни контакти за да се стигне до информации за евентуален дополнителен трансфер и на други лица. Но, ќе продолжи лекувањето на двете пациентки вработени во болницата Очигледно е дека треба да се направат многу дополнителни истражувања. Има претпоставки, можеби вирусот мутирал. Меѓутоа можеби е нешто друго во позадина, а тоа бара многу детални лабораториски испитувања – вели Филипче.

И Светската здравствена организација предупреди дека нема никаква потврда оти тие што се опоравиле од коронавирусот имаат антитела што ќе им обезбедат намален ризик за втора инфекција. Со оваа информација оттаму излегоа во контекст на дискусиите за имунолошкиот пасош кога се дискутираше за отворањето на границите.

На Комисијата за заразни болести денеска се дискутирало за голем број барања од различни фирми кои бараат протоколи за да ги отворат бизнисите бидејќи повеќе месеци не зеле плата и инсистираат да отворат, а се разговарало и за тоа како ќе се распределува медицинскиот кадар во болничките капацитети каде што е најпотребен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот