Може ли враќањето на Борисов да ги стабилизира односите Скопје-Софија

Фото: Влада на РСМ

Македонија во принцип не може да очекува некоја суштествена промена во политиката на Софија кон Скопје. Она што останува од наша страна доколку сакаме да го продолжиме европскиот пат на земјава е да ги спроведеме уставните измени кои произлегуваат од францускиот предлог кои се од круцијално значење за нас. Чекор кој ќе го продолжи преговарачкиот процес со ЕУ. Градењето на мостови меѓу двете држави останува да биде и понатаму важно, додека победата на ГЕРБ е знак за стабилизирање на односите меѓу Македонија и Бугарија по подолго време.

Вака накратко во сублимиран заклучок домашните познавачи на состојбите ги коментираат резултатите од изборниот циклус кај источниот сосед, додека сосема е јасно дека ГЕРБ на бугарскиот екс-премиер Бојко Борисов е победник на изборите.

Поранешниот амбасадор во Софија Марјан Ѓорчев за „Слободен печат“ коментира дека она што е важно во моментов е Бугарија да направи конечно стабилна влада. Според него тоа е возможно единствено доколку Борисов во својата партија постави млади про-атлански лица на челните позиции и успее да издејствува коалиција со партијата на Турците во земјата.

Марјан Ѓорчев/Фото: Слободен печат

– ГЕРБ е прва политичка сила, според мене таа ќе има проблеми во составувањето на стабилна влада, од причина што коалицискиот потенцијал е мал. Борисов ќе треба да ги земе во коалиција ДПС, партијата на Турците или освен ДПС, да ги земе и ултранационалистите на Костадин Костадинов кои се националистички и про-руски настроени. Колку ќе успее да состави функционална влада рано е да коментираме – оценува Ѓорчев.

Поранешниот амбасадор во Софија во исто време додава дека бугарската вековна стратегија кон Македонија која се базира на историја, сепак нема да се промени. Тие според Ѓорчев имаат вековно етаблиран однос кон земјава и не можеме да очекуваме промена на позициите, ако се има во предвид дека десницата повторно ќе преовладува во бугарскиот парламент.

– Гледајќи од македонска перспектива на изборите во соседна Бугарија можам да истакнам дека сепак добро е тоа што ГЕРБ на Бојко Борисов освои најголем број гласови и пратенички места. Тоа го говорам од моето познавање на политиките на Софија кое пак вели дека Борисов по трите мандати и учества во владите, ќе ги извлече заклучоците и сега ќе повлекува чекори повнимантелно за разлика од минатото. Кога велам внимателно, мислам на односите со еконосмките проблеми во кои се наоѓа земјата, инфлацијата, корупцијата, недостатокот на гас но и во однос на проблемите кон Македонија – вели Ѓорчев.

Од друга страна политикологот Милан Стефановски пак е со по оптимистички став во однос на победата на ГЕРБ во соседна Бугарија. Според него Борисов ќе допринесе кон стабилизирање на односите меѓу Македонија и Бугарија по подолго време.

Милан Стефаноски

Не треба да заборавиме дека Борисов низ годините на својата власт во Бугарија, покрај спроведувањето на бугарската надворешна политика, тој успешно правеше атмосфера на пријателски односи кон Македонија. За тоа сведочат и добрите односи кој тој ги имаше со поранешниот премиер Зоран Заев но и конструктивните средби со лидерот на опозицијата ВМРО-ДПМНЕ во минатото. Според тоа очекувам да дојде до стабилизирање на релациите меѓу двете земји – вели Стефановски.

Сепак според Стефановски, македонското прашање нема да биде во приоритетите на Борисов. Еден од клучните предизвици за новиот владин кабинет во Софија според него ќе биде тешката економска состојба и реализација на ветувањето за нови работни места што практично и ја донесе изборната победа. Оттука според политикологот реално е економијата да биде во фокусот на новата влдата во Софија, што пак во исто време отвора перспективи за соработка со Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот