Може ли државата да се откаже од „колачот“ вреден стотици милиони евра?

фото: Pixabay.com

Комисијата за финансирање и буџет започна со расправа за измените на Законот на игрите на среќа и забавни игри кои минатата година беа предложени од пратениците на ДУИ, Ејуп Алими и Реџаил Исмаили.

Според нивното барање, се предвидува просториите кои се наменети за ова да бидат оддалечени најмалку 500 метри воздушна линија од објекти на училишта, факултети, универзитети, институти, библиотеки и установи во кои се врши дејност на згрижување деца, на што се надоврзува дополнување на законот со кое потврда за оддалеченоста на просторијата до најблискиот објект ќе издава единицата за локална самоуправа.

Доколку се направи едноставно лоцирање на два објекта на оддалеченост од 500 метри воздушна линија, може веднаш да се каже дека практично и физички е невозможо да има ваков објект во градско подрачје. Во главниот град, кој на мала површина е густо населен, а исто така има и многу образовни институции, во предвидениот радиус околу сите образовни институции колку што постојат, како што е предложено во предлог-измените, не постои простор каде би можело да се отвори објект за игри на среќа. Оваа состојба е уште поизразена во помалите градови, затоа што образовните институциите се наоѓаат претежно на главните улици и неколку споредни, во тој случај не би имало простор за отворање на објекти за игри на среќа. Доколку се усови предлог-измените на законот, тоа би значело целосно затворање на сите објекти на приредувачите на игри на среќа на територијата на целата држава.

Од поднесувањето на овој предлог, па се до денес, жестоко реагираат и двете здруженија, Асоцијацијата за приредувачи на игри на среќа – АПИС и Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија – АСОМ кои со свои аргументи демантираат дека оваа дејност е незаконска.

Тие велат дека во оваа економска гранка се вработени околу 8.000 лица, а само од посебниот данок на приход од 23 отсто и зголемениот данок на добивка од игри на среќа од 10 на 15 проценти кој стапи на сила на 01.01.2019 година, во државниот буџет годишно се влеваат четврт милиони евра или 4% од бруто домашниот производ, средства кои директно се користат за потребите на граѓаните.

Од АПИС и АСОМ неколкупати испратија допис до Собранието на РМ, со коe појаснуваат дека лиценцираните казина, обложувалници и автомат-клубови строго се придржуваат до Законот, со кој веќе е предвидена заштита на малолетниците и се придржуваат до прописите за неодговорно рекламирање.

– Просториите во кои се приредуваат посебните игри на среќа (игри на среќа во казино, игри на среќа во обложувалница и игри на среќа во автомат-клуб) и електронските игри на среќа (видеолотарија, електронско бинго и електронско кено) задолжително се оддалечени најмалку 150 метри од објекти во кои се вршат воспитно-образовни дејности (основни и средни училишта), а просторите во кои се приредуваат два вида игри на среќа (електронска и посебна игра на среќа), угостителски простории и простори на други субјекти (чл. 21-а на овој закон), во кои се поставени видеолотариски апарати (ВЛТ), и просторни места за дистрибуција на лотариски производи, задолжително се оддалечени најмалку 500 метри од објекти во кои се вршат воспитно-образовни дејности (основни и средни училишта) – пишува во предлогот пратен од АПИС.

Од АПИС предлагаат поголемиот дел од средствата да се употреби за финансирање на училишните спортски дејности, со што на вистински начин би се заштитиле младите од порокот што со себе го носат игрите на среќа.

На истото предупредуваат и од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија – АСОМ, a ставовите на асоцијацијата и негативните ефекти од предлог-измените неодамна во интервју за „Фактор“ ги изнесе претседателот Васко Илиески, кој посочи дека доколку се спроведат измените на законот, сите вработени во индустријата ќе ги загубат своите работни места.

– Тоа се околу 8.000 семејства кои живеат од овој приход, пред сé млади луѓе кои со вработувањето обезбедуваат редовна плата, но и можност за дополнителна заработка за работа на празници и ноќни часови. Тоа им обезбедува сигурност и стабилност и им дава можност да ја планираат својата иднина во земјата. Доколку овие млади луѓе ги загубат своите работни места, ризикуваме да ја напуштат државата, нешто што за нас како држава би било погубно. Сите директно вработени во оваа индустрија одржуваат уште седум работни места во други стопански гранки, односно индустријата на игри на среќа поддржува речиси 54.000 работни места. Земајќи ги предвид и членовите на семејствата, од оваа стопанска гранка директно и индиректно живее речиси 10% од популацијата во Македонија. Во оваа индустрија, во текот на минатата година се вработиле 40 % повеќе луѓе отколку во 2017, што го потврдува и позитивното влијание кое оваа стопанска гранка го има врз намалувањето на стапката на невработеност во земјата и стабилноста на пазарот на трудот – образложи Илиески.

Со свој став излегоа и од Министерството за финансии кое, заедно со Управата за јавни приходи, е одговорно за работата на оваа економска гранка. Оттаму велат дека постоечкиот Закон е добар и не би сакале да дојде до промена на истиот, поради тоа што со самото затворање на објектите на приредувачите на игри на среќа, покрај тоа што буџетот ќе остане без овој „колач“, фактички ќе се стимулира „сивата“ економија. Затоа што, доколку не постојат овие објекти кои се опфатени со постоечките законски регулативи, ќе се отвори можност за обложување на „црно“ во објекти кои нема да бидат законски регулирани, нема да се плаќаат лиценци за работа, вработените нема да бидат осигурани, нема да се наплатува данок на добивка од игрите на среќа и слично, па тоа би претставувало голем проблем за државата. Од министерството потенцираат наместо да се донесе предлог-законот поднесен од пратениците, потребно е веќе посточекиот Закон да се до-работи, да се заостри критериумите за работа на обложувалниците и казината, како и да се зголемат казните доколку во овие објекти бидат забележани малолетни лица.

Сега предлог-законот е во собраниската комисија за финансирање и буџет каде што се дебатира за истиот, а пратениците од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во моментов немаат конкретен став, ниту пак откриваат дали ќе ги поддржат промените. Тие велат дека ќе чекаат да видат како ќе тече јавната дебата на невладините организации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот