Може и да расте: Литар за 90 денари – цената на маслото за јадење ќе руши рекорди

Цената на маслото за јадење во домашната трговија, достигнува до 90 денари во зависност од марката, а секоја пратка е со нова цена, велат трговците. Во Македонија годишно се трошат околу 25.000 тони зејтин, а само 10 проценти од потребите, се обезбедуваат од домашно производство.

Од компанијата „Кристал 1923“ за „Слободен печат“, велат дека сите трошоци продолжуваат да се зголемуваат, со оглед на глобалната, економска криза, така што е очекувано во наредниот период, цената на маслото да се зголемува. Оваа компанија, важи за една од водечките компании за производство на масло за јадење.

Но и покрај зголемениот капацитет на производство, најголемиот  проблем за нив и оваа година е набавката на суровина и репроматеријали. Од вкупните површини под индустриски култури во земјава, сончогледот се одгледува на помалку од 20 проценти од површините.

-Од пред две години е покрената кампања за враќање на сончогледот на македонските полиња, која побуди, добар интерес кај земјоделците, бидејќи им се гарантира сигурен откуп, субвенции од државата и добра цена. П.И. „Кристал 1923“ има можност за преработка на 40.000 тони сончоглед, а лани откупивме околу 3.000 тони од домашно производство. И покрај тешката економска криза, предизвикана од пандемијата, останатата суровина, сме принудени да ја купуваме и дополнуваме од соседните земји, по значително повисоки цени. А тоа значи, отежнати транспортни услови и зголемени непланирани  трошоци, со кои мора да се справиме – велат од менаџментот на ПИ Кристал 1923 А.Д. Велес за „Слободен печат“.

Проектот за зголемено производство на индустриски сончоглед, започна со поддршка на Владата, а резултира со тројно зголемено производството, односно откуп. Лани, „Кристал 1923“, го откупи сончогледот по највисока цена во регионот. Компанијата е подготвена за договорно производство и откуп и на соја и маслодајна репка, доколку постои интерес од страна на земјоделските производители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот