Може Европа ќе нѐ натера да си го почитуваме јазикот

Жарко Настоски, новинар и уредник на веб-страницата на „Слободен печат“ / фото: Драган Митрески / СП

Не се кривци само турбофолк-инвазијата од Србија и незапирливата интернет-доминација на англискиот – младите се поразително неуки за мајчиниот јазик зашто сѐ помалку има кој да ги научи, сѐ поретко се наоѓа кој да им всади и да им негува љубов кон него

„Без запир… свилобубата три дена го ткае својот кожурец, а потоа се преобразува во пеперуга“ – заѕвони маркантниот, мек баритон на некој од спикерите-ветерани на Радио Скопје и „Вардар филм“. Документарен филм од пред 70 години, кога во Богданци и Валандово уште се правела природна свила. Само таа реченица ќе го стопли срцето на секој што вистински го разбира, искрено го сака и го почитува нашиот, македонскиот јазик. Некоја минута подоцна, пуштив телевизија. Прилог за греењето во школите. Десетина непријатни секунди со гласот на репортерката, па изјава од градоначалник… побрзав да исклучам.

Ретки се јазиците кои некој ги негира, на кои им се оспорува самото постоење. Уште поретки се нациите кои, соочени со такво негирање, толку неодговорно се поставуваат и се однесуваат кон својот јазик, како нашата. Од комшиски пораки во влезови од згради, до официјални прогласи од кабинетите на премиерот и претседателот на државата, македонскиот јазик секојдневно и на секакви начини го тормозат, го шуткаат и сквернават сите – и професорите и новинарите, и гласните лумпенпатриоти што јазикот „не го вадат од уста“, и лекторите што немаат осет, и функционерите и институциите што би морале по закон да го чуваат и заштитуваат.

Минатата недела, никој освен Сојузот на борците не го одбележа денот на кој е одржан првиот час на македонски јазик во кичевското село Подвис. Таму, на првата ослободена територија, партизаните организирале настава за децата од Копачијата на мајчин јазик. Ова се случувало 1943-тата, скоро цела година пред АСНОМ – постоењето на тоа училиште ефектно ја побива традиционалната глупост на бугарската пропаганда дека македонскиот јазик е „коминтерновска творба“, измислена од комунистите заедно со македонската државност. Училиштето во Подвис со децении се распаѓа, зараснато во грмушки, а до него се стигнува само со џип. Во џунглите на Перу се наоѓаат урнатини од Инките од 16 век во подобра состојба. Трошната зграда може да се обнови со парите од само две-три „рамковни набавки“ на октоподи и други одбрани морски деликатеси за државните ресторани, ама не – такво какво што е, училиштето многу непријатно, но и соодветно отсликува колку им е гајле на властите за македонскиот јазик.

Ваквата државна, системска и долготрајна негрижа, како и многу други состојби кај нас, потекнува од општата пропаст на образованието и постојаното спуштање на критериумите за тоа кој може да биде учител, наставник или професор по македонски јазик. Доаѓаат генерации чии родители воопшто не „фатиле“ сериозен пристап кон јазикот во целото свое школување. Не се кривци само турбофолк-инвазијата од Србија и незапирливата интернет-доминација на англискиот – младите се поразително неуки за мајчиниот јазик зашто сѐ помалку има кој да ги научи, сѐ поретко се наоѓа кој да им всади и да им негува љубов кон него.

Тоа што системот не се грижи, секако, не оправдува колку просечниот Македонец не си го сака и не си го почитува јазикот, што на некое ниво мора да значи и дека не се сака, или барем дека не е многу свесен за себе. Вкопани во партиските ровови и збудалени од непрестајната борба за гол опстанок, Македонците одамна не го сметаат јазикот за нешто важно во нивните животи. Кој има време да чита кој е Ладислав Палфи, да гледа и да учи што е тоа правилна и логична реченица, што е тоа дикција… во документарци за свилени буби од ’51-ва? Сепак, многумина, кога ќе се укаже можност, патриотски ќе „се крстат“ во „светите браќа“ Кирил и Методиј, Мисирков и Прличев – а тешко им е да научат лекции по граматика од шесто одделение.

Ако се обидете на социјалните мрежи да реагирате на некој од секојдневните јазични „бродоломи“ што ги изустуваат повеќето политичари, премиерот Ковачевски, опозицискиот лидер Мицкоски – бргу ќе ви се налепат ревносните, дежурни навивачи на едната или другата страна. Попростите ќе плукаат, сите ќе ве обвинат дека сте од „другите“, а малку порафинираните ќе замеруваат дека коментарите за формата го одвлекуваат вниманието од суштината (демек, да не ја испуштиме густата суштина во зборовите на нивните херои). Инсистирајте на чист македонски јазик и често ќе ве дочека со потсмев идиократската јавност.

Но, не е сѐ толку црно: минатата недела беше Европскиот ден на јазиците. Македонскиот јазик сепак влезе во Европа пред нас и тоа можеби е големата шанса некако да почнеме вистински да го почитуваме, како нација. Чекаме само да се отворат европските фондови и тамошните бирократи да „притиснат“, да ни дадат пари и да ни кажат како треба да си го чуваме и негуваме сопствениот јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот