Москва не го прифаќа ограничувањето на цената на нејзината нафта

дмитри песков
Дмитри Песков, портпарол на Кремљ / Фото: Слободен печат, архива

Земјите-членки на Европска Унија, на Г7 и Австралија вчера се договорија од 5 декември да биде ограничена цената на руската нафта на 60 долари за барел. Москва денеска соопшти дека не го прифаќа ограничувањето на цената и оти стално ќе има купувачи за руската нафта.

– Не ја прифаќаме таа граница, истакна Песков, додавајќи оти Москва „се подготвила“ за ограничувањето, но не изнесе детали.

Во меѓувреме „Фајненшл тајмс“ повикувајќи се на извори од бродската индустрија и аналитичари објави дека Русија годинава тајно набавила 103 танкери, како одговор на нафтените санкции од Западот.

Русија при транспортот на нафта во голема мера се потпира на танкерите. Енергетските консултанти од компанијата „Ристад“ тврдат дека Русија годинава набавила 103 танкери, делумно преку директно купување, а делумно преку реалокација на бродови што ги користат Иран и Венецуела, две земји кои исто така се под санкции од Западот.

Желбата на Кремљ да го организира она што нафтената поморска индустрија го нарекува „руска флота во сенка“ е обид да се заобиколат новите меѓународни ограничувања за руската нафта.

Според трговците руската „флота во сенка“ ќе го намали влијанието на ограничувањето на цената, но нема да го елиминира целосно. Казнените мерки на ЕУ и Г7 треба да ја отсечат Москва од глобалната флота на танкери, бидејќи на осигурителите компании им е забрането да ги осигуруваат танкерите што превезуваат руска нафта, без оглед на дестинацијата, освен ако не се продава според шемата за ограничена цена.

Целта на ограничување на цената, што е идеја на Г7, е да се намалат приходите на Русија од продажбата на нафта, а во исто време да се спречи порастот на глобалните цени по стапувањето во сила на ембаргото на 5 декември. Ограничување на цената на руската нафта на 60 долари за барел, е клучен чекор во опсегот на западните санкции, со цел да и отежнат на Русија со приходите од нафтата да ја финансира војната против Украина.

Ограничувањето ќе им овозможи на земјите надвор од ЕУ да продолжат да увезуваат руска нафта, но ќе им забрани на транспортните и осигурителните компании да тргуваат со руска нафта ширум светот, освен ако не ја продава по цена под ограничувањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот