Московско јаже за бесење

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Последиците што неминовно ќе следуваат за Бугарија како држава, особено во економско-финансиски поглед, допрва горко ќе ги почувствуваат на своја кожа, а ако не веруваат, може да ги прашаат и нивните јужни соседи како поминаа по историското вето кое ни го ставија на самитот на НАТО во Букурешт.

Патриотите ќе речат: вистинскиот Македонец во срце ја носи идејата и емоцијата за „обединета“ (етногеографска) Македонија или, пак, во бугарски „превод“ вистински Бугарин во срце ја носи идејата за „Санстефанска Бугарија“ во чиј состав се наоѓала речиси целокупната етногеографска територија на Македонија. Можете да најдете најмал заеднички содржател во оваа „логика“?! Нормално дека не можете.

Ете колку е комплексен и нерешлив апсурдниот проблем кој официјална Софија го наметна пред продолжувањето на македонските евроинтеграции. Во митологијата на двете нации се испроектирани два наративи кои меѓусебно се исклучуваат и немаат ниту една заедничка допирна точка, а ние говориме за славење на заедничка историја! Нон сенс!

 

Трајна штета

 

Во бугарскиот национален митолошки наратив Македонија е „бугарска“ земја, вечен романтизиран идеал, прикажан во романите на Димитар Талев, најголемиот бугарски писател на дваесеттиот век, со македонско потекло од Прилеп. Источните соседи, за жал, не само што никогаш не ја залечија нивната најголема историска траума наречена „Македонија“, не само што не извлекоа поуки од т.н. три национални катастрофи кои им се случија во минатиот век (Балканските војни, Првата и Втората светска војна), туку тие и во овој денешен миг продолжуваат со нивната мазохистичка политика кон македонското национално прашање.

Наместо да го променат текот на историјата и да пробаат да ги надоместат изгубените осумдесетина години (1913-1991) во кои Македонија беше под политичко, национално, воено-разузнавачко, безбедносно, економско и духовно-културолошко влијание на „командниот“ центар Белград, и да се обидеа во изминативе три децении македонска независност да создадат од нас само пријатели и соседи, кои ќе го сменат негативно создаваниот и граден наратив кон нив, особено во ерата на комунизмот, тие се однесуваа бетер отколку слон во стакларница: неумесно, несмасно, недугаво и се што повлекоа како потег, резултираше со уште поголема иритација, фрустрација и напластување на дополнителна негативна енергија од двете страни на Осоговието.

Не верувам во искреноста на зборовите на еден поранешен пожарникар, лично обезбедување на бугарскиот „Тито“, нарекуван „Бај Тошо или Тато“, односно на бугарскиот комунистички вожд, доскорешен децениски премиер Бојко Борисов, кој на средбата со нашиот актуелен премиер Зоран Заев нагласи дека не смееме да дозволиме и во идните децении македонскиот и бугарскиот народ уште повеќе да се замразат. Токму тој, заедно со неговите први перјаници, одврзаните лично од него од синџирот Е. Захариева, А. Ковачев, А. Џамбаски, и нормално најголемиот меѓу нив, шкембе-патриотот К. Каракачанов, во изминатата година беа тие кои не само што ја зголемија омразата помеѓу двете нации и општества, туку ги запалија и сите тешко градени мостови помеѓу Македонија и Бугарија, особено на економско-стопански и музичко-културолошки план.

Веројатно Бугарите се уште не се свесни, односно политичката елита, потпомогната од научната во БАН, каква трајна историска штета нанесоа врз нашите меѓусебни односи (взаимоотношенија би рекле тие), со злоупотребата на инструментот вето, со кој ја блокираа европерспективата на цела една нација, но и ја фрлија во неизвесност и во оган и евроиднината на преостанатите земји од Западниот Балкан, односно директно се спротивставија на прагматичните интереси на американската надворешна дипломатија и администрација во овој дел на Европа. И одиграа (не)свесно во корист на руската.

 

Низок стандард

 

Последиците што неминовно ќе следуваат за нивната држава, особено во економско-финансиски поглед, допрва горко ќе ги почувствуваат на своја кожа, а ако не веруваат, може да ги прашаат нивните јужни соседи како поминаа после историското вето кое ни го ставија на самитот на НАТО во Букурешт, и му влепија директен геополитички шамар на најмоќниот човек во тој момент во светот – американскиот претседател Џорџ Буш Помладиот.

Не велам дека само тоа е причината, но една од причините сигурно е, за почнувањето на големата светска (читај: грчка) финансиска криза, од која до денешен ден Грција не може да закрепне. И затоа денеска БДП-то по глава на жител на грчкиот просечен граѓанин е помало дури и од тој на Романија. Грција од средностатистички развиена европска земја, по тој финансиски земјотрес падна на дното и единствено е пред Бугарија и Хрватска по финансиска и куповна моќ од сите земји членки на Европската Унија. Бугарија, завалијата, од нејзиниот влез во ЕУ, како полноправна земја членка е секогаш на срамното прво место според негативните референци кога станува збор за сиромаштија, корупција и организиран криминал и на последно место кога се мери куповната моќ, стандардот на населението, слободата на медиумите, судството и другите важни параметри за мерење на квалитетот на животот во самата ЕУ.

Тогаш, свесни ли се „другарите“ Бугари што сторија со употребеното вето врз официјално Скопје, односно дека сами си ја купија јамката за бесење? Продавач, како секој пат низ историјата им беа баќушките од советската и за ним братска Москва.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот