Московскиот суд одреди притвор за Американец обвинет за напад на полицаец
Окружниот суд во Москва нареди американскиот државјанин идентификуван како Џозеф Татер да биде задржан во притвор два месеци во очекување на истрага за обвинение за напад врз полициски службеник.
Еден ден претходно, истиот суд го осуди Татер на 15-дневен административен притвор под обвинение за „ситно хулиганство“.
Руските државни новински агенции Тас и РИА-Новости јавија дека Американецот почнал да изрекува навреди откако во понеделникот вечерта од него било побарано да ги покаже своите документи во луксузен хотел.
Службите во хотелот тврдеа дека американскиот државјанин „агресивно се однесувал“ и користел вулгарности кога бил одбиен да биде сместен, наведувајќи дека немал потребни документи.
Во извештаите се вели дека мажот нападнал полицаец кога бил одведен во полициска станица.
Официјални лица во Амбасадата на САД во Москва рекоа дека се запознаени со извештаите, но нема да дадат дополнителни коментари поради ограничувањата на приватноста.
На 1 август, Русија и Западот ја извршија најголемата размена на затвореници од крајот на Студената војна.
Вклучени во размената беа новинарот на Вол Стрит Журнал, Еван Гершкович, и американскиот директор за корпоративна безбедност, Пол Вилан, кои беа осудени за обвиненија за шпионажа кои тие жестоко ги негираа, а на казна затвор од шест ипол години беше осудена и американско-руската двојна државјанка Алсу Курмашева, новинарка на Радио Слобода/Радио Слободна Европа поради ширење „лажни информации“ за руската војска.