Московски клуб на самоубијци

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Ако Русија фрли нуклеарна бомба врз Украина, западните сили најверојатно нема да почнат со нуклеарни удари фатални по опстанокот на човештвото. За доблесни луѓе тоа може да биде момент да се повлечат од работ на нуклеарниот амбис. Но, на таа карта играат членовите на московскиот клуб на самоубијци.

И ова утро се огласи истакнат претставник на московскиот клуб на самоубијци – Димитриј Медведев. Се пофали дека НАТО нема да интервенира дури и ако Русија фрли нуклеарна бомба врз Украинците. Ова е точно, нема да интервенира. Но, воздржаноста на Западот и во таков случај само кажува дека од другата страна има политичари што го сочувале разумот и не се спремни без размислување да му пресудат на човештвото.

Всушност, мислам дека не би следувала автоматска реакција на Западот за почеток на Трета светска војна дури и Русите да фрлат атомска бомба врз членка на НАТО во Источна Европа или на Балтикот. Тоа не зборува за нивната слабост туку за фактот дека, соочени со катаклизма, дури и тогаш разумни луѓе би барале разумен излез од кризата. А што е со колективната безбедност што произлегува од членот 5 од Атлантската повелба на НАТО?

Еве што вели за темата на колективна безбедност науката за меѓународната политика. Природна тенденција на државите, кога ќе се соочат со опасност е да се групираат против агресорот, кој доколку биде успешен во совладувањето на својата прва жртва, ќе им се сврти и на другите. Доколку се во сојуз, државите ги обврзува начелото на колективната безбедност да и притекнат на помош на жртвата. Во случајот на НАТО, тоа е запишано во фамозниот член 5 од Атлантската повелба. Пред неколку години, во дебата со мојот американски пријател и колега се прашавме дали треба членот 5 да се сфати буквално? Определувајќи се за една мала држава членка на НАТО, тогаш си го поставивме прашањето: што ако Русија фрли атомска бомба врз Братислава, Словачка? Дали автоматски следи нуклеарен одговор на останатите членки на НАТО и почеток на трета светска војна? Заклучивме дека искуството на човештвото со принципот наречен колективна безбедност покажува дека таков автоматизам нема, дури и кога е нешто запишано на хартија. Имено, реалноста покажува дека нема бланко поддршка за потенцијалната жртва на агресија. Политичарот на чело на една држава секогаш сака да има одврзани раце во прагматичното проценување на карактерот на кризата и да знае како таа кореспондира со националниот интерес на својата земја.

Фактот дека државниците не се спремни да ја жртвуваат внимателната анализа на секој конкретен случај за апстрактниот принцип наречен колективна безбедност или член 5, не ги прави неморални како луѓе. Едноставно тоа е така. Оттаму, и слабите држави мора да внимаваат каква меѓународна политика водат и, со своето поведение, да придонесуваат кон светскиот мир. Тоа е накусо, вели науката за меѓународната политика.

Преведено на сегашната криза, заклучокот е дека и во случај Русија да фрли нуклеарна бомба врз Украина, западните сили најверојатно нема да почнат со нуклеарни удари фатални по опстанокот на човештвото. За доблесни луѓе што го сочувале разумот, тоа побргу би можело да биде момент на отрезнување и на повлекување од работ на нуклеарниот амбис. Но, токму тоа е картата на која играат членовите на московскиот клуб на самоубијци.

Го знаете тоа поведение од секојдневниот живот кога насилниците нашата пристојност ја изедначуваат со наша слабост, за на крајот, да се изненадат дека не било баш така. Е, во тој манир упорниот Медведев повторува: „Морам уште еднаш да потсетам за оние глувите што само себеси се слушаат. Русија има право да користи нуклеарно оружје ако е потребно… И тоа дефинитивно не е блеф“. Американскиот државен секретар Блинкен, пак, ги повикува руските политичари „да престанат да зборуваат глупости за нуклеарна војна“. Можеби на ум ги има зборовите на Хрушчов, кој своевремено, ќе рече дека по светска нуклеарна војна „живите ќе им завидуваат на мртвите“.

(Авторот е професор и прв министер за надворешни работи)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот