Московска временска зона во окупираните украински територии

Фото: EPA-EFE/STR

Кремљ денеска објави дека ќе започне со наметнување на московската временска зона во деловите на Украина кои се незаконски анектирани и делумно контролирани од руските сили.

Руското Министерство за индустрија и трговија ја објави веста на својот канал на Телеграм, велејќи дека четирите региони на Украина припоени од Русија – Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје – „ќе се префрлат на московско време”.

Четири украински региони беа незаконски анектирани од рускиот претседател Владимир Путин во есента 2022 година, по спроведувањето на, како што најголемиот дел од меѓународната заедница ги оквалификува, „лажни” референдуми. Русија не контролира целосно ниту еден регион, а западните влади го оценија потегот за нелегитимен.

„Постепена синхронизација на руското законодавство е во тек откако четири нови ентитети беа примени во земјата”, соопшти руското Министерство. „Во блиска иднина ДНР (самопрогласена Народна Република Доњецк), ЛНР (самопрогласена Луганска Народна Република), Запорожје и Херсонската област ќе бидат дел од друга временска зона, во која дејствува московско време.

Временската зона во Москва е еден час понапред од источноевропското стандардно време, кое е во сила низ цела Украина.

Министерството додаде дека тие поднеле нацрт-закон за ова прашање до руската Државна дума и тој допрва треба да биде потпишан.

Русија веќе го направи тоа на Крим, кога Путин го анектираше полуостровот во 2014 година. Во март 2014 година, временската зона на Крим беше официјално усогласена со таа на Москва, ставајќи го целиот полуостров еден час пред Украина.

Овој потег доаѓа неколку недели откако портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека процесот на интеграција на територијата е во „полн замав”. –

„Осигурувањето на безбедноста на цивилите кои живеат таму е главната цел на операцијата“, рече Песков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот