Морничав случај во Германија: Девојка нашла друга што личи на неа и ја убила, за да ја лажира сопствената смрт

Фото: Paul Zinken / AFP / Profimedia

Избезумени родители од Германија ја барале својата исчезната 23-годишна ќерка, кога наишле на страшно откритие – нејзиниот паркиран автомобил со мртва жена на задното седиште. Родителите повикале полиција и гледале како телото на нивната ќерка го вадат од автомобилот.

Но, тоа воопшто не била нивната ќерка, туку друга девојка, која многу личела на неа, јавува „Вашингтон пост“.

Ќерката сега е обвинета дека ја убила својата двојничка, која претходно ја барала на интернет, за да ја лажира сопствената смрт, велат властите.

Девојката по потекло од Ирак живеела во Инголштат, на југот на Германија, се вика Шахрабан К., а случајот ја шокира јавноста. Нејзините родители отпатувале од Минхен до Инголштад за да ја најдат откако таа престанала да одговара на нивните повици – и го пронашле нејзиниот автомобил и телото на 16 август. Полицијата започнала истрага и издала првично соопштение за убиство, велејќи дека се чини дека жената била „жртва на насилно злосторство“. Но, брзо се појавиле сомнежи за нејзиниот идентитет, бидејќи ДНК-примероците и отпечатоците од жртвата не се совпаѓале со оние на Шахрабан. Полицијата исто така слушнала „гласини“ дека исчезнатата девојка подоцна била видена како вози автомобил низ областа, изјави полицискиот портпарол Андреас Ајкеле.

Ден по пронаоѓањето на автомобилот и жртвата, полицијата утврдила „сосема нови околности“ во текот на истрагата и ја уапсила девојката, која била заедно со 23-годишен Косовец, под сомнение за убиство. Жртвата во германските медиуми е именувана како Алжирката-блогерка Кадија О., исто така 23-годишна, за која иследниците велат дека изгледала „неверојатно слично“ на Шахрабан К.

Властите сега веруваат дека осомничените смислиле план да пронајдат девојка која би можела да помине како Шахрабан, која, според полицијата и обвинителството, „сакала да се скрие поради семејна расправија“ и затоа одлучила да ја лажира сопствената смрт.

Осомничената „разговарала со неколку млади жени“ кои изгледале слично на неа на интернет и заедно со Косовецот се обиделе да ги намамат на средба преку лажни ветувања.

На 16 август, двајцата осомничени отпатувале во областа Хајлброн, во соседната покраина Баден-Виртемберг, за да ја земат жртвата од нејзиниот дом, соопшти полицијата. Тие потоа ја однеле во шумска област и ја избоделе повеќепати со нож, пред да се вратат во Инголштад, каде што го оставиле телото во задниот дел од возилото.

Двајцата осомничени, кои сега имаат по 24 години, се во притвор од август, а сега се соочуваат со обвинение за убиство со предумисла, за кое е предвиден доживотен затвор. Истрагата е во тек.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот