Морисон: Го разбирам разочарувањето на Франција за подморниците, но Австралија ги штити своите интереси

Скот Морисон
Скот Морисон / Фото: EPA-EFE/JOEL CARRETT

Австралискиот премиер Скот Морисон денеска изјави дека го разбира разочарувањето на Франција што неговата земја го откажа договорот за купување подморници во корист на сојузи со САД и Велика Британија, но нагласи дека Австралија првенствено треба да ги штити своите интереси.

– Се разбира, тоа е големо разочарување за француската Влада и јас го разбирам. Меѓутоа, Австралија како и секоја друга суверена држава мора секогаш да носи одлуки што се во наш суверен национален одбранбен интерес, рече Морисон на прес-конференција во Сиднеј.

Австралија, Обединетото Кралство и САД во средата го објавија формирањето на трилатералната безбедносна алијанса АУКУС за зајакнување на одбранбената соработка во Индо-Пацификот, која предвидува флота од нуклеарни подморници што Австралија ќе ги изгради со помош на САД.

Поради оваа одлука, Канбера се откажа од договорот вреден 40 милијарди долари со француска компанија која требаше да изгради флота од подморници, на што Париз жестоко реагираше и на консултации во Париз ги повлече своите амбасадори од Канбера и Вашингтон.

„Лицемерие, презир, лаги”, се зборовите со кои францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан вчера ја опиша „сериозната криза” на неговата земја со САД и Австралија, која го откажа мега-договорот за француските подморници и избра да изгради нуклеарни, а регионот стравува дека оваа промена може да поттикне трка во вооружувањето.

Пред да се врати во Париз, францускиот амбасадор во Австралија, Жан-Пјер Тебо, одлуката на Канбера да ги откаже подморниците ја нарече „огромна грешка”, бидејќи тоа, според него, не беше договор, туку „партнерство базирано на доверба, взаемно разбирање и искреност”.

Новото трипартитно партнерство веднаш беше искритикувано и од Кина, најголемата сила во Индо-Пацификот, а малезискиот премиер реагираше, предвидувајќи дека тоа ќе ја поттикне регионалната трка за вооружување.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот