Морбилите фатални за три неродени бебиња

Фото: Профимедиа

На Клиниката за гинекологија во Скопје во последните три месеци биле примени три пациентки заболени со морбили. Двете пациентки сами побарале да абортираат, исплашени од ризикот за плодот поради морбилите, додека една се породила во 22. гестациска недела и родила мртов плод.

„Третата пациентка беше со преегзистирачка хипертензија. Таа имаше осип во прилог на морбили. По приемот на Клиника настана спонтан абортус на мртов плод, по што е направена инструментална ревизија на матката. Постапено е по сите протоколи за третман и изолација на пациентката, по совет од инфектолог и од комисијата за интрахоспитални инфекции. По стабилизација на состојбата, пациентката беше испишана од нашата Клиника и со придружба беше испратена за натамошна хоспитализација и третман на Клиниката за инфективни болести во Скопје“, соопштија од ГАК.

Дали плодот завршил фатално заради морбилите не може да се каже со сигурност. Кај другите две трудници, морбилите не биле директна причина за абортусот, туку тој се направил на барање на трудниците кои се плашеле од компликации.

Оттаму соопштуваат дека пациентките заразени од морбили се изолираат во посебна просторија и имаат посебен хигиенски третман. По завршување на интервенцијата, просториите се чистат со дезинфекциски средства и се кварцаат, а персоналот користи заштитни маски. Кај персоналот на ГАК нема заразени од морбили.

Од Клиниката потсетуваат дека морбилите како инфективно, високо заразно заболување, подедакво ја загрозува трудничката популација како и децата. Ризиците од појава на заболувањето се повисоки помеѓу невакцинираната трудничка популација. Досегашните искуства покажуваат дека заболувањето е поврзано со повисока стапка на спонтани пометнувања (абортуси) кај пациентките кои заболуваат во рана фаза од бременоста. Заболувањето не е поврзано со зголемен ризик од вродени аномалии, но ризикот од предвремено породување кај овој дел од трудничката популација е поголем и директно е поврзан со фебрилната фаза на болеста.

Како последица на повисоките стапки на предвремено породување, расте и стапката на перинаталниот морталитет. Што се однесува до ризиците по здравјето на мајката, заболувањето е поврзано со повисок ризик од компликации на респираторниот систем.

Варичелата и рубеолата се поврзани со зголемени ризици од појава на вродени дефекти, интраутерин застој во растот и развојот на плодот, што резултира со раѓање на плод со пониска родилна тежина од очекуваната, како и со зголемен ризик од интраутерина фетална смрт. Во случаи на пациентки со варичела, која се јавува во очекуваниот термин за породување, има сериозна опасност од заболување со респираторните компликации и компликции на централниот нервен систем кај новороденото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот