Мораториум за интелигенцијата

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Обединетите нации пред неколку дена повикаа да се воведе мораториум на „некои“ системи за вештачка интелигенција, пред се на оние за препознавање лица, додека не се воспостават елементи за заштита на човековите права.

Ова е втор апел за мораториум, практично во низа, откако тоа неодамна го направи и Европската комисија, наведувајќи ја истата закана од загрозување на човековите права.

Стравувањата на бирократите во Њујорк и во Брисел всушност покажуваат дека тие добро ги препознаале моќта на вештачката интелигенција, но и сопствената немоќ да држат чекор со астрономски брзиот развој на оваа технологија. Со повикот за мораториум, тие настојуваат да ја запрат новата технолошка револуција, која веќе се случува, за да добијат време за разговори и консултации, дефинирање рамки и нацрти, за преговори и надгласувања, за кои вообичаено им треба цела вечност. Би ги одолговлекувале до бескрај, кога само би можеле. Тоа им е професијата. Таков е случајот и со климатските промени.

Само, попусто. Климата нема да ги чека, а вештачката интелигенција уште помалку. Таа веќе е индустриска гранка во која безрезервно се вложени најбистрите умови и за чиј развој инвеститорите не жалат пари. Оваа гранка, особено развојот на вештачката емоционална интелигенција, веќе вреди илјадници милијарди долари, а има потенцијал да им заштеди на бизнисите многу повеќе пари и уште повеќе човечки труд.

Стравот е логичен и оправдан, но како и многу пати досега е насочен во погрешен правец. Слично на ладитите, кои пред век и половина ги кршеле текстилните машини за да го запрат технолошкиот развој. Кој мораториум би ги запрел Алфред Нобел, Карл Бенц или Роберт Опенхајмер да ги развијат динамитот, автомобилот или нуклеарната технологија, иако историјата покажала дека со нивните иновации биле убиени милиони луѓе? Или за помладите генерации, можел ли некој да ги запре Винт Серф, Марк Закерберг или Сергеј Брин додека некои бирократи расправаат дали и какви неочекувани последици демнат од интернетот, социјалните мрежи и „дигиталниот сезнајко“?

Го сакале тоа или не, вештачката интелигенција е премногу напред за да може да се запре. И ќе се развива уште побрзо. Телефоните и компјутерите, телевизорите и фрижидерите, правосмукалките и машинките за бричење ќе стануваат се попаметни, до степен: „ако разбираш – застарено е“.

Но, не се тие виновни. Ако некому што ги преспал изминатите неколку децении треба да му го објасниме технолошкиот развој, најилустративно би му рекле: „Во џебот имаме уред со кој практично имаме пристап до целото знаење на човештвото, ама го користиме за гледање кутриња, мрмоти и разни сеири“.

Вештачката интелигенција, преку машините и алгоритмите, не е ништо повеќе од механизам со огромен капацитет што овозможува практично перфектни пресметки, но исклучиво за проблеми посочени од оној што ја управува, притоа користејќи бази на податоци што не секогаш се апсолутно точни. Со други зборови, човекот е тој што ја насочува и ја храни моќната машина и ја користи за цели што не секогаш се благородни. Автономните автомобили без возач се движат низ сообраќајот препознавајќи разни слики и ситуации, но процесот на управување е дефиниран врз основа на милиони реакции на луѓе (кои и не мора да се возачи) при разни хипотетички ситуации.

Проблемот никогаш не бил во машините и во развојот на технологијата, туку во бавното приспособување на општествата кон современото време. Тоа го препознаваат и луѓето. При истражување на шпански универзитет во 11 европски земји, повеќе од 50 отсто од анкетираните луѓе повеќе би сакале во парламентите да бидат застапени од вештачка интелигенција отколку од пратеници. Тоа се оценува како „намалување на довербата во демократијата како форма на владеење“ поради „зголемената политичка поларизација“. Во Шпанија за умна машина наместо пратеник се изјасниле дури 66 отсто, во Кина дури 75 отсто. Кој знае како би било кога сите бирократи во Њујорк и Брисел би се замениле со вештачка интелигенција.

Ако политичарите и бирократите реагираа навремено, брзо и ефикасно, немаше да има потреба ни од мораториуми ни од страв, па ни од вакви предупредувања.

И не, ова не е текст автоматски генериран од алгоритам. Се уште не.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот