Мораме да направиме ред во нашиот македонизам - Слободен печат

Мораме да направиме ред во нашиот македонизам

Филето што пред триесет години го спуштивме во машината на транзицијата, денеска е мелено месо од сто и шеста категорија. Мириса на смрт. Тоа е Македонија денес. Сталешката структура на општеството што беше хармонизирана под шинелот на единствената партија и исполнета со меѓусебна доверба и респект многу повеќе, отколку со страв, беше растурена во дводимензионална постановка на малку многу богати и мнозинство, распоредено, главно, во секторот „крпен живот“. Тука и во странството. Многу солидната културната стратификација, динамично дефинирана со несопирливиот растеж и финиот однос меѓу елитизмот и народњаштвото, беше тотално разнебитена во две насоки: дезелитизација и акултурација со невидена глупантропизација, следени со неверојатни дострели на општата читачка и функционална неписменост. Македонскиот јазик, кој беше културен феномен од прв ред, со однос каков што го заслужуваше со тој статус, е расчеречен и сведен на деформитети собрани во педесетина зборови, десетина фрази, по некоја институтска активност и во фактор за политичко-национални просерувања. Во новите динамични околности, тој јазик се појасно ни се открива како елемент кој ги хендикепира луѓето, не само според бројот на населението, односно физиката на комуникацискиот и културен дострел, туку и како структура која со својата иманентност, битно го ограничува мисловниот и културниот потенцијал на луѓето до мера што вели дека тој, јазикот, е основната причина за несреќите во кои влегуваме, односно за неспособноста да ги решаваме проблемите на вистински начин. Феноменот престана да има друга смисла, освен таа да ја шири неписменоста, гневот и очајот, преку политички и други дебати кои без остаток го окупираа јавниот простор. Ништо значајно на тој јазик, во меѓувреме, не успеавме да создадеме. Со други зборови, врз комунистичкиот акварел на општеството, транзициските Македонци се испомочаа и од прекрасната слика направија шлакатарник.

Има уште еден куп драматични промени кои влијаат врз статусот на Македонија и на Македонците посебно, да речеме, новиот регионален, европски и светски контекст, или зголемената важност на албанскиот фактор во државава, да, тука е и појавата на најсериозната внатрешна антимакедонска инсталација-вмро-дпмне, но некои институции, како и некои рефлекси, резони и цели филозофии, ја издржаа големата топла доба на транзицијата и денеска се во иста состојба во каква што беа пред падот на комунизмот.

Какви диносауруси! МАНУ напишала повелба за македонскиот јазик. Можела да напишете и резолуција за Шар Планина. Или за кравата буша и овцата праменка.

Може ли некој да ми открие други причини за оваа академско просерување, освен кризата на идентитетот на самата институција и потребата да потсетува на себе низ класичните шеми на националната формација, да игра меѓу потрошените циклуси на илинденска и асномска Македонија, наместо да понуди платформи за новата димензија на Републиката, односно концепт за новиот историски циклус?! Наместо да се понудат одговори на страшните транзициски деформитети кога веќе не се понудија рецепти тие да не се случат. Може ли некој да каже каков друг однос тој папир може да има кон предметот на својата занимација?!

Но, не.

Произведена е класична, можеби и договорена со бугарската страна, провокација, која ќе му понуди нова коска на бесмислата на стрвното граѓанство, и тоа во пакет со институциите, кои наместо да умрат или да се преформатираат, му ги нудат своите одбрамбени услуги.

Хахаха!

И еве, нема кој не стана да го брани македонскиот јазик од клетите Бугари.

МАНУ нема одговор на прашањето дали се Бугарите идиоти, агресори, лингвистички и општи конквистадори. Или се нормални луѓе во чија нормалност ние не можеме да проникнеме. За кој курац им е македонскиот јазик!? Или Гоце Делчев?! Ова не се заебанции, туку се клучни прашања.

Низ одговорите на нив можеме да се обидеме да дојдеме до помирување меѓу историската втемеленост на бугарската позиција, со феноменот на современата македонска нација и држава. Тука е важно македонската страна да предничи во иницијативите, а не самата да се фрла во дефанзивна позиција и сите поместувања да ги доживува како пораз. Впрочем, како и во внатрешните уредувања на меѓуетничките односи.

МАНУ се занимава со себе и со својата обесмисленост, а не со македонскиот јазик. Впрочем, како и бугарската академија. Мали смрдливи дувла на национализмот и шовинизмот кои со науката и уметноста имаат помала врска отколку што Лео Меси има со атомската физика или Борис Џонсон со вистината за себе и за Велика Британија.

Старата шема на симболичките коти функционира и во внатрешната одбрана на македонскиот јазик, овој пат од албанскиот. Само огромно количество заглупавеност може да го протолкува решението на Венецијанската комисија како крај на рамноправноста на албанскиот јазик, утврдена со Законот за јазиците и како потврда на нормативната и стварна супериорност на македонскиот јазик. Секој обид за маргинализација на албанскиот јазик, меѓу другото, е директна закана за македонскиот јазик и за Македонија, но еднодимензионалниот ум на националистот, не му дозволува тоа да го сфати.

Нови идеи, господа, дајте нови идеи, храброст, ризик, тоа се бара од вас, престанете да ги третирате Македонците како кучиња што лаат пред македонската куќа додека вие внатре пиете и се ебавате „до миле воље“ што би рекле едни други браќа – Србите.

Тоа што го направи екипата на Заев во надворешнополитичкиот блок е на таа линија. Македонците мораат да се ослободуваат од своите фрустрации, а не да учат да живеат со нив. Нема поголема бесмисла од тоа да ги обучуваме децата да бидат борци на ваквиот македонизам. Да си ги упропастуваат животите. Мораме да направиме ред во нашиот македонизам. Тоа е најголем национален интерес. Макар што не изгледа така. Фактот дека се расправаме за јазикот, за Гоце Делчев или дека се повикуваме на принципот на самоопределувањето, толку години по конституирањето, покажуваат дека имаме понекоја крива цигла во темелите или дека потенцијалите на таа конституција се исцрпени и целата конструкција мора да оди на генерален ремонт. Тоа е единствената шанса на македонскиот проект.

П.С.

Класичните избори со гласачки ливчиња, гласачки кутии, гласачки места избирачки одбори, комисии и единици, се надминат концепт. Дури и пред измените во Изборниот законик, политичкиот натпревар почна да се одвива преку тестирање на разорниот или забавниот карактер на аудиобомбите што кандидатите ги имаат за противниците. Проблемот е во тоа што новата практика не е нормирана. Во однос на општествената регулација, бомбите се во иста ситуација како и електричните тротинети. Не знам за тротинетите, но тоа со бомбите може да се реши со новиот изборен закон во кој ќе биде предвидено дека заедно со листите на кандидати за пратеници, партиите доставуваат до Државната изборна комисија „бомби“ кои се емитираат за време на предизборната кампања во ударните термини на сите телесерниците, според принципот десет минути за пет објави за секоја „бомба“ во рамките на три часа програма. Молам. Емитирањето го плаќа државата. На крајот се организира телевоутинг на кој се гласа за „бомбите“. Газдата на „бомбите“ со најмногу гласови формира парламентарно мнозинство и влада.

Просто, ефикасно, евтино, транспарентно, контролирано, демократски, молам.

Прочитај повеќе

Во секој од нас се крие бездомник

Војислав Мојсовски

Будали има, само бројот треба да се утврди

Сашо Орданоски

Кога материјалното го победува духовното

Михаило Донев

Едно големо Ништо!

Митко Билјановски

Пишувањето ме спасува, а Јанчев радува и ветува

Ненад Јовановиќ

Коњски лопатки и лавски клучалки

Бранко Тричковски

Остави Коментар

five × 4 =

Прочитај повеќе

Одморени непушачи

Жанета Скерлев

Луѓе со 32 неврона во мозокот

Мирослав Грчев

Бошњаците го прават, Aлбанците го носат, Mакедонците го јадат, што е тоа?

Ерол Шаќири

Атиџе, љубов наша!

Сашо Орданоски

Корупцијата и условите за членство во ЕУ

Павле Богоевски

Владимир од Русија или Путин Грозни

Срѓан Ивановиќ