Морални и етички ломови

Кај нас, за чудо господово, сè се врти околу парата. Дури и главите почнуваат да ни заприлегаат на деформирани сплескани црпки во форма на денар, долар, евро… Човечкиот авторитет го мериме според дебелината на неговото портмоне. Според каратите на златните синџири околу залоените вратови. И, ексклузивната марка на часовниците, кои отчукуваат некое непрепознатливо, не наше, туку друго, туѓо време.

Вредноста на човекот ја одредуваме според марката на автомобилите од семејното ергеле. Според квартот на животната оаза.

Има или нема јахта. Има или нема вила на некоја егзотична точка од топлите води.

Апартманите и студијата на краците на Халкидики се веќе изживеан хит. Здодевна дестинација. Предизвик за средно буржоаскиот слој. За неизживеани пратеници, разноразни инспектори, трговски махери…

Ако е во Порто Карас, тогаш, популарноста на личноста, колку и да и е интелектуалниот калибар деграде, да не речеме дебиле, автоматски се вивнува во друштвото на избраните. На елитата.

И за чудо, илјадници студии, докторски дисертации, а ниту една не им ја посветивме на сурнисаните човечки доблести.

Не ги побаравме причините за нашите искривоколчени морални паралели. За етичките настраности.

Не го најдовме одговорот за хавариите во поведението на луѓето од врвовите на власта, од кои, некои, безмалку преку ноќ го изведоа најсрамното морално паѓање.

Не знам зошто, ама вечерва, додека ги читав коментарите за барањето на оној некогашен разузнавач и дипломат, Верушевски, да си го наплати времето минато зад затворски решетки, за сторено дело во интерес на човекот, се присетив на правникот Павел Шатев. На онаа гемиџиска легенда од Кратово, кој за време на солунските атентати, подметнувајќи го куферот со динамит, го пламна францускиот брод „Гвадалкивир“.

Ова приказно херојство го чинеше доживотен сургун во занданите на Фезан, длабоко во либиските пустини. По години минати во заточеништво меѓу дебелите камени ѕидини на озлогласените османлиски зандани, случајот сакал Шатев да биде амнестиран. Но, единствениот жив атентатор, не сaкал да се врати сам во Македонија. Срамно било да си дојде дома без двајцата негови сонародници кои не ја издржале затворската тортура во Фезан…

Според автентични сведоштва, гемиџијата Шатев, откако ги пронашол гробните почивалишта на македфонските патриоти, кои темнееле со години во затворските келии, од длабочината на пустинскиот песок успеал да ги откопа нивните глави. Ставајќи ги во канта со парафин, под долгите и мачни патувања, ги донел во Татковината, кај нивните мајки.

Колку што знам, Шатев, тој уникатен борец, тој приказен припадник на македонската револуционерна елита од илинденски ков, никогаш не посака откуп. Надомест за храброста. Награда за патриотското дело, подарено на Татковината и на неговиот народ.

Времињата ни навеаја некои нови животни судбини, со срамни содржини. Дамнешните, епичните, ги однесоа бурите. Останаа само спомените за нив, кои, за трагедијата да биде поголема, ние, нивните потомци, дозволивме да се пласти правот на заборавот.

Навистина, нешто драматично чудно се одигра во нас. Ако не грешам, ни се случија непростиви морални ломови. Несфатливи етички падови! Ги изгубивме вистинските мерила за човечките вредности!

Толку од мене, драги мои.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот