Морачанин: Финансиската поддршка од ЕУ ја потврдува посветеноста на ЕУ дека Западен Балкан е интегрален дел од Европа

Маја Морачанин / Фото: Утрински брифинг

Самитот на ЕУ-Западен Балкан во Загреб е позитивен сигнал за регионот, но како и вообичаено, не успеа да испорача посилни обврски од двете страни. На европската перспектива на Западниот Балкан и треба недвосмислена поддршка од ЕУ, но исто така, и треба и директна дискусија и конкретни акции, наведуваат во соопштение од партијата ДОМ.

-Финансискиот пакет од 3.3 милијарди евра е повеќе од симболичен гест, бидејќи ќе доведе до продлабочена соработка со регионот. Европската Комисија, исто така, мора да го вклучи Западен Балкан во ЕУ планот за реконструкција, бидејќи овој план ќе има важна улога во утврдувањето на политичките приоритети на земјите од Западен Балкан. И пакетот и планот треба да бидат во согласност со Зелениот Договор (Green Deal), и да го поддржат вложувањето во социјално, економски и еколошки посилна Европа- стои во соопштението до ДОМ.

Европскиот Совет, велат оттаму, конечно реши да ги отвори пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија во март годинава, но оваа одлука не беше спомната во официјалниот извештај од самитот.

-Како што двете земји покажаа значителни демократски реформи, така сега е важно ЕУ да ги движи напред преговорите. Европските Зелени долго време повикуваат на отпочнување на пристапниот процес со овие две земји, бидејќи иднината на Западен Балкан, како целина, е во ЕУ.

Томас Вајц, ко-претседавач на Европската Зелена Партија и пратеник во ЕП, коментира:

„Конечно Европската Унија почнува да го испорачува ветеното за овие клучни членки на Европското семејство. ЕУ е повеќе од партнер и им должиме прогрес на граѓаните од регионот, поддржувајќи ги слободите и демократските процеси кои се тешки, но апсолутно потребни за просперитетот на цела Европа. Би било многу мудро да не се остави регионот на надворешни сили како Русија, Турција, Саудиска Арабија или Кина.”

Маја Морачанин, претседателка на ДОМ, партија членка на Европските зелени од Северна Македонија, коментира:

„Посветени сме на насочувањето на нашите напори кон тешката работа која не чека по одлуката на ЕУ да ги отвори преговорите со Северна Македонија. Финансиската поддршка од ЕУ ја потврдува посветеноста на ЕУ дека Западен Балкан е интегрален дел од Европа и ја охрабрува надежта дека Северна Македонија наскоро, конечно ќе ги започне пристапните преговори“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот