Монтажните болници ќе доцнат, пандемијата гори

Скопје, лето 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Набавката на модуларните префабрикувани контејнери за формирање на привремените Ковид центри во 16 градови е во тек, и истата се очекува да биде успешно завршена во ноември. Поставувањето на монтажните Ковид центри ќе започне веднаш по завршување на набавката и по склучување на договор со најповолниот економски оператор. Овие болнички капацитети се по примерот на монтажната болница веднаш до Инфективната клиника во Скопје, ќе бидат поврзани со врска до главните болници и нивната функција е да ги примат новите напливи на ковид инфицирани без притоа да се попречи функционирањето на болниците за пациенти со други дијагнози.

,,Распишувањето на оваа набавка доцни поради фактот дека заменик-министерката во министерството за финансии во техничката влада, го запре процесот на спроведување на проектот за брзо дејствување против последиците од кризата предизвикана од ковид-19 на Светска банка, со кој во првата компонента за итен одговор, е опфатено зајакнување на здравствените капацитети”, велат од Министерството за здравство за ,,Слободен печат”.

Болниците се полнат забрзано. Моментално активни се над 5.500 случаи на коронавирусот, а последната статистика на Министерството за здравство регистрираше десет починати. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, има 100 хоспитализирани пациенти со коронавирус, а на готовс е модуларната болница во дворот на клиниката, за која веќе е мобилизиран и медицински кадар од останатите клиники. Од стоте пациенти дури шеесет и двајца се на кислородна поддршка. Во болницата во Козле хоспитализирани се шест деца и шест мајки позитивни на ковид-19, како и едно дете и две мајки сомнителни на вирусот. Во ГОБ 8 Септември хоспитализирани се 45 пациенти од кои двајца на респиратор. Во битолската болница има 36 хоспитализирани, во Штип 56, а во останатите болници ширум државата 233.

Откако се отворија градинките имало 18 позитивни деца и 55 вработени.

За да се спречи ширењето на коронавирусот во скратена собраниска процедура ќе бидат воведени нови мерки меѓу кои задолжително да се носи маска секаде на отворено, бизнисите да затвораат во 22 часот и да не се собираат повеќе од четворица на гости кај едно семејство. Овие препораки од Комисијата за заразни болести, ќе добијат законски рамки, со тоа што ќе се промени Законот за заштита на населението од заразни болести. Поводот е драстичниот раст на новозаразени пациенти со позитивни тестови на коронавирусот, кој минатата недела достигна рекорд од речиси 600 случаи, а останатите денови имаше нешто над 500. Есенскиот период носи ризици за трансмисија на коронавирусот, затоа што граѓаните поминуваат подолго време на затворено, а следува и сезоната на верски слави и собирања во домашен амбиент.

Анализите на Институтот за јавно здравје покажуваат дека најголемиот број на новите случаи се на возраст од 30 до 39 години, што членовите на Комисијата за заразни болести го толкуваат како показател дека ова е возрасната група која најмногу се движи на места каде се шири вирусот.

Ако епидемилошката слика не се подобри, ќе се воведат и дополнителни мерки, меѓу кои јавните превозници да возат со преполовен капацитет на патници, услужните дејности, кафулињата и рестораните да затвораат со работа во 22 часот, да се забранат настани од секаков вид и да се забрани групирање навечер. Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје најави дека ќе пушти поголем број на автобуси на линиите во главниот град, затоа што секој од нив ќе прима само половина од капацитетот на патници.

Владата апелира граѓаните да ја сфатат сериозноста на пандемијата и да се придржуваат кон мерките за заштита, со дисциплина, носење маска, одржување дистанца од 2 метри и редовно миење и дезинфекција на рацете. Овие мерки се универзални и во исчекување на вакцината, единствените што можат да помогнат вирусот да не се шири.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот