Монтажен паркинг во Капиштец, нова градинка во Пролет – дел од проектите на Општина Центар од 2022-2024 година

Општина Центар/ Фото: Слободен печат

Советниците на Општина Центар на вчерашното продолжение на втората седница на Советот, го изгласаа Планот за програми за развој на општината за периодот од 2022-2024 година, со 12 гласа за, осум воздржани и три против.

-Со донесениот план за програми за развој се планира развитокот на општината и создавањето на подобри и похумани услови за живот во Центар за сите граѓани, велат од општина Ценар.

Планот за програми за развој на Општина Центар за периодот 2022-2024 предвидува реконструкција и подобрување на енергетската ефикасност на основните училишта и детските градинки, реконструкција на постоечка и изградба на нова инфраструктура, реконструкција и модернизација на јавното осветлување, изградба на монтажен паркинг во функција на објекти и модернизација на ИТ-системите во општината.

Меѓу поважните проекти за претстојните две години се наоѓа и изградбата на градинката во населба „Пролет”, прва од ваков тип, најавена од претходниот градоначалник, Саша Богдановиќ, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

-Градинката ќе има вкупна површина од 3230 метри квадратни и ќе чини 152.520.000 денари (без ДДВ), односно 47.000 денари по метар квадратен. Истата ќе биде изработена со современи и квалитетни материјали, со анти-бактериски подови, ќе има прозорци со нано филтри и енергетски-ефикасна структурална фасада. Греењето во градинката ќе биде еколошко, односно дел на централно греење (градско парно), а дел на топлински пумпи, соопштуваат од општина Центар.

Друга активност е изведбата на монтажниот паркинг во Капиштец, со 294 паркинг места.

-За системот на паметно паркирање, кој е револуционерен и за прв пат ќе биде изведен, веќе се изготвени анализата за техничките барања и финалното техничко решение за имплементација на истиот. Се работи за современ систем за мониторинг кој ќе функционира по цела должина на улицата „Орце Николов”. Системот ќе обезбеди постојано следење на паркинг местата на „Орце Николов”, мониторинг на местата во зоните за посебни намени и ќе врши мониторирање на сообраќајот на улицата, информираат од општината.

Што се однесува на реконструкцијата на улицата „Ленинова” (делот од бул. „Партизански Одреди” до ул. „Митрополит Теодосиј Гологанов”), од општина Центар појаснуваат дека станува збор за реконструктивен зафат на дел од улицата, кој се изведува на барање на жителите и вкупната површина која ќе биде опфатена со реконструкцијата изнесува 6720 метри квадратни, односно 6320 денари по метар квадратен.

-Покрај овие активности, предвидени се и реконструкции на основни училишта и детски градинки, набавка на специјални возила за одржување на хигиената на улиците и јавните површини на територија на Општина Центар, како и изведба и одржување на современиот ЛЕД систем на улично осветлување, велат од општината.

Извор: МИА

Видео на денот