Monsieur Макрон, pourquoi?
Наместо да добие француски бакнеж и топли прегратки во пресрет на очекуваниот почеток на преговорите со ЕУ во октомври годинава, Македонија доби силна француска шлаканица, која, како што велат домашните аналитичари, овој пат може да резултира со трајно црвенило. Еуфоријата за добивање датум за преговори со Унијата во октомври годинава нагло спласна откако францускиот претседател Емануел Макрон директно од Брисел порача дека ќе биде бескомпромисен кон каков било вид проширување на ЕУ пред да се случи длабока реформа на институционалното функционирање на Унијата.
Оваа негова изјава, појаснуваат експертите, практично би значела дека Македонија може уште веднаш да престане да се надева на позитивни резултати во врска со датумот за почеток на преговори во октомври и покрај тоа што досега исполни голем дел од условите, вклучувајќи ја и промената на државното име.
Денко Малески, првиот министер за надворешни работи и актуелен советник во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, објаснува дека на Македонија сега не ѝ преостанува ништо друго освен да се приспособи на новата ситуација и да танцува единствено по ритамот што го наметнува Франција.
– Во некое друго време, решението од Преспа можеше да нè лансира уште подалеку од членство во ЕУ. Меѓутоа, ситуацијата во светот и во Унијата сега е променета. Тоа од нас ќе бара повторно да се прилагодиме на новата состојба. Ако една голема сила како што е Франција остане цврсто на ставот дека не треба да има проширување на европското семејство, тогаш ние немаме што друго да правиме, освен да се прилагодиме. Се разбира, македонската дипломатија и натаму ќе бара и ќе инсистира на добивање датум за преговори, но од друга страна ќе се соочи и со огромно разочарување дома ако ЕУ не си ги исполни ветувањата – објаснува Малески.
Тој вели дека досега неколку наши политичари, меѓу кои и министерот за надворешни работи Никола Димитров, изјавиле дека недобивањето датум годинава ќе значи крај за европската перспектива, но, како што смета тој, таквиот развој на настаните не треба да го сфаќаме толку трагично.
– Мислам дека недобивањето датум во октомври не е толку страшно или трагично, туку ќе значи дека е време да ја менуваме нашата балканска реалност со европска реалност. Ова не е затворање на европската перспектива, туку поинаков поглед на тоа како треба да изгледа таа европска перспектива – вели Малески.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, пак, посочува дека добивањето датум за преговори за Македонија воопшто нема да го попречи процесот за реформирање на ЕУ, бидејќи на земјава ќе ѝ бидат потребни десетина години за да стане полноправна членка на Унијата, а дотогаш Макрон може да спроведува реформи колку што сака.
– Колку што разбрав, поголемиот дел од луѓето што присуствувале на состанокот заедно со францускиот претседател Макрон биле многу агресивни и дрски во своите настапи, а тој нивни однос практично го натерале и самиот Макрон да биде агресивен и да дава такви страшни изјави. Сепак, мислам дека сето тоа повеќе е поврзано со домашната политика. Уште една работа што треба да ни биде јасна е дека нашиот проблем не е Германија, бидејќи кога ќе дојде време Македонија да добие датум за преговори, со или без Албанија во пакетот, Германија нема да ни направи никаков проблем – вели Арсовски.
Тој смета дека развојот на настаните сега најмногу зависи од две работи.
– Првата е дали Германија и Франција ќе успеат да се договорат за тоа дека е паметно барем една земја од регионот да ги почне преговорите со ЕУ и на тој начин да се стабилизира состојбата. Втората е дали македонската дипломатија ќе успее да го убеди Макрон дека земјава може да ги почне преговорите. Тој инсистира на реформи пред проширувањето, но добивањето датум за нас не значи дека веќе сме дел од ЕУ. Нам ќе ни бидат потребни преговори од околу 10 години за да станеме полноправна членка на Унијата, па во таа една деценија Макрон може да спроведува колку што сака реформи.
Премиерот Заев ќе го убедува колегата од Франција
Премиерот Зоран Заев ќе се сретне со францускиот премиер Едуард Филип во полски Познањ, каде што кон крајот на неделава ќе се одржи конференцијата „ЕУ – Западен Балкан“. Главен фокус на состанокот, отворање на пристапните преговори со ЕУ, е на барање на францускиот премиер. Како што дознаваме, на средбата Заев ќе се обиде да издејствува поддршка од Франција за датум за преговори.