Монографијата „50 години Мајски оперски вечери“ е траен запис за фестивалската актива

Свеченото затворање на јубилејните Мајски оперски вечери, покрај изведбата на операта „Аида“, беше одбележано и со промоцијата на монографијата „50 години Мајски оперски вечери“ од д-р Александар Трајковски.

Монографијата „50 години Мајски оперски вечери“ од д-р Александар Трајковски е издадена по повод големиот јубилеј на најзначајната манифестација од овој тип во нашата земја, со цел да се остави траен запис за сето она што се случувало на фестивалската сцена низ изминатите 50 години.

Во издание на Националната опера и балет, предговорот е на директорот на куќата, проф. м-р Васо Ристов, рецензент е диригентот на првата претстава во 1972 година, проф. Фимчо Муратовски, а промотор на монографијата беше м-р Весна Малјановска.

На промоцијата, што се одржа на 31 мај, се обратија и директорот на НОБ, проф. м-р Васо Ристов, уметничкиот раководител на Операта, м-р Дејан Прошев, и авторот д-р Александар Трајковски.

– Како активен истражувач и хроничар, кој повеќе децении континуирано го следи растежот на „Мајските оперски вечери“, пишувањето на оваа монографија го сметам за обврска кон минатото и кон сите уметници, кои вградувајќи го својот креативен потенцијал, го создадоа едниот од најзначајните симболи на македонската културна сцена. Но, истовремено и обврска кон иднината и кон генерациите кои доаѓаат, оставајќи им едно сведоштво, како патоказ по кој треба да се продолжи… Според својата концептуална визија, сакав да создадам дело – траен запис, во кое прегледно ќе ја прикажам целата фестивалска актива, со прецизно наведени факти. Целев кон тоа, секој кој ќе ја отвори книгата, без разлика дали станува збор за пасиониран познавач на материјата или, пак, за неупатен читател, да добие јасна слика за сето она што се случувало на мајската оперска (но, и балетска и концертна) сцена. Архивскиот материјал (фестивалски програми, листи на учесници, рецензии, извештаи, фотографии…) е мошне обемен, а приоѓањето кон негова обработка, ми претставуваше огромен професионален предизвик – изјави Александар Трајковски за „Културен печат“.

Промоција на монографијата „50 години Мајски оперски вечери“ на 31 мај во НОБ / Фотографија: Емил Петров

Во монографијата се наброени сите оперски, балетски и други претстави, како и концертите што биле изведени на Мајските оперски вечери во изминатите 50 години. Вкупната бројка на претстави е 457, од кои 321 се оперски претстави, 62 се балети, 66 се концерти, а 8 се други претстави.

Основната суштина на манифестацијата и тежиштето на нејзините програмски активности го чинат оперските претстави. Притоа, фестивалските програми се засноваат на оперски дела, кои на редовниот репертоар на националната оперска куќа се долгогодишно присутни, а на публиката ѝ се мошне омилени,но и на ретко изведувани и релативно (за македонската публика) непознати оперски наслови, кои заедно креираат богат корпус, разновиден од аспект на стилските особености, жанровската определба и авторскиот потпис.

Така, преку вкупно 321 претстава, одиграни се 52 оперски дела, претставници на европската оперска уметност. Доминантно е присуството на италијанската опера, особено творештвото на Џузепе Верди, чии 11 оперски дела се изведени во вкупно 154 претстави, а по него, следуваат Џакомо Пучини со 6 опери и 51 изведба, Џоакино Росини со 3 опери и 16 претстави итн.

Мајските оперски вечери, најчесто претставуваат и платформа за премиерна изведба или обнова на оперските дела, но и за праизведби на дела од македонското оперско творештво. Нивната изведба, речиси секогаш (со пет исклучоци) се случува на отворањето на манифестацијата, како нејзин најударен и најсвечен чин.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 131, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 јуни 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот