Монографија: Развојот на ИФФК „Браќа Манаки“ е прикажан во хронолошки рамки

Кинотеката ја објави монографијата „40 ИФФК Браќа Манаки“, по повод 40 години од основањето на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, но официјалната промоција, поради ковид-кризата, ќе почека подобри времиња.

Фестивалот „Браќа Манаки“, кој тематски е определен и фокусиран на филмската фотографија и на работата на кинематограферите, доби обемна и богата монографија, која го следи неговиот 40-годишен историјат, хронологија и развој. Издавач на монографијата е Кинотеката на РСМ, а изданието е финансиски поддржано од Агенцијата за филм.

Автори на објавените текстови во монографијата се Гена Теодосиевска, актуелен директор на фестивалот, Благоја Куновски-Доре, поранешен директор, а сега селектор на главната фестивалска програма, филмолозите Игор Старделов и Владимир Љ. Ангелов од Кинотеката, Душко Димитровски, новинар и критичар од Сараево со постојан престој во Виена (чест гостин на Битола и на светските филмски фестивали), Џевдет Тузлиќ, уредник на Програмата за култура на босанско-херцеговската национална телевизија BHT1, хроничарот Стефан Хаџи Андоновски, но и Пол Рене Ростад, претседател на Меѓународната федерација на кинематографери (ИМАГО), Миха Брун, филмски критичар и новинар од Љубљана, и Најџел Волтерс, потпретседател на Британското здружение на кинематографери (БСЦ).

Прочитајте и...  Поетската антологија „Игропис“ како хибридна форма на книга

Монографијата изобилува со фотографии од фестивалските свечености, настани, тркалезни маси, мастеркласови, како и прес-клипинзи од написи објавени во печатените медиуми. Содржините се двојазични – на македонски и на англиски јазик.

– Предизвикот да се направи монографијата беше голем, бидејќи опериравме со огромен број податоци. Имавме собрано илјадници скенови од дневните весници, фотографии, изјави од гости на фестивалот, а само еден дел од сето тоа може да се најде во монографијата. Таа е хронолошки поставена и така го следи развојот на фестивалот за да можеме да ја прикажеме неговата целосна слика. Втората придобивка од подготовката на монографијата е што сите материјали што ги пронајдовме, ќе бидат заштитени и сочувани за идните генерации – објасни Владимир Љ. Ангелов, директор на Кинотеката.

Прочитајте и...  Нова книга: Концептот „магичен реализам“ како културолошки феномен

Фестивалот „Браќа Манаки“ од манифестација (Манакиеви средби) прерасна во фестивал на југословенската камера, а по осамостојувањето на Македонија доби меѓународен карактер и денес е познат како Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Промоцијата на монографијата двапати беше откажувана поради ковид-кризата, бидејќи издавачот настојуваше на едно место да ги собере сите автори на текстовите во монографијата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 53, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 октомври 2020)

Поврзани вести

Поетската антологија „Игропис“ како хибридна форма на книга

Тони Димков

Стихозбирка „Од оваа страна“ на Весна Ацевска

Тони Димков

Нова книга: Концептот „магичен реализам“ како културолошки феномен

Тони Димков

Книга „Балканот – шпионски крстопат“: Поглед кон светот на разузнавачките служби

Тони Димков

Сеќавања, сведоштва и импресии: „Даница Ручигај: Песна над песните“ на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов

Тони Димков

Балканска сага: Излезе романот „Јаничари“ на академик Луан Старова

Тони Димков

Остави Коментар

MacedonianAlbanianBulgarian