Мониторинг извештај за АЕК и АВМУ: Неизбалансирани приходи и расходи и висок процент на поништени набавки

фото: МИА

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) треба да ја подобрат транспарентноста и отчетноста, да ги избалансираат приходите и расходите, да се залагаат за што поголема реализација на Планот за јавни набавки, со што ќе ја подобрат ефикасноста во работењето како регулатори што треба да го заштитат јавниот интерес.

Тоа се дел од оценките изнесени денеска на презентацијата на третиот периодичен мониторинг извештај за работата на АВМУ и АЕК, во рамки на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch II”, што го  спроведуваат Центарот за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Според Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, и на двете институции многу им се неизбалансирани приходите и расходите, реализацијата на плановите за јавни набавки е околу 70 проценти, но загрижувачки се податоците за зголемувањето на процентот на поништени набавки.

– Ако имате многу поголеми приходи со години од однос на расходите или неинвестирате доволно, или многу наплаќате. Овие две институции мора да работат повеќе на балансирање со приходите и расходите особено поради тоа што тоа се повторува  повеќе години. Кај АЕК поништувањата низ годините биле нула, па 12 проценти, а во 2018 година достигнале 21 процент, што значи дека се поништува секој петти тендер. Кај АВМУ биле до три проценти, а сега се  зголемени на 15 проценти. Кај двете има висок процент на најнепопуларното поништување односно за неприфатлива понуда. По тој основ кај АЕК биле поништени 61 процент од постапките,  а кај АВМУ 40 проценти, наведе Филков.

Билјана Бејкова од НВО-Инфо центар истакна дека трендот на помали реализирани расходи од иницијално планираните покажува дека  Агенцијата треба  што е можно попрецизно да го планира годишниот Буџет. – Расходите на АВМУ  во поседните три години не надминуваат 95 милиони денари, а  лани биле намалени на 78 милиони денари. Реализираните трошоци на АВМУ во изминатите три години се во просек за 30-ина проценти годишно помали од планираните расходи. АВМУ за 2019 година планира  расходи од над 125 милиони денари, што е за дури 62 проценти повеќе од реализраните трошоци во 2018 година, рече Бејкова.

Во Извештајот, меѓу останатото, се препорачува АВМУ  да ја заокружи процедурата за избор на нов состав што беше прекината поради Претседателските избори и за која веќе се пробиени роковите, а се наведува и дека е потребен конструктивен дијалог на релација Влада АВМУ.  Владата дала негативно мислење за регулаторната стратегија на АВМУ и побарала нејзино ревидирање, а исто така доставила и претставка за преиспитување на донесувањето на подзаконскиот акт на АВМУ со кој се утврдува мерењето на гледаноста. За Агенцијата, стои во извештајот, постапките на Владата претставуваат своевиден притисок врз регулаторот, што е демантирано од владиниот кабинет.

– Се добива впечаток дека постои одредена тензија на релацијата АВМУ – власт, но тоа не смее да премине во каква била отворена војна или препукување, потребно е да се развие конструктивен дијалог за да се разговара за недозразбирањата и за сите прашања во доменот на извршната власт и АВМУ со цел подобра и поефикасна регулација и развој на радиодифузната дејност во државата, притоа да се почитува независноста на регулаторот, посочи Бејкова.

Кај расходите на АЕК, пак, е наведено дека се реализрани само 47 проценти од  предвидените средства за 2018 година.

– Највисока расходна стаква на која отпаѓаат помалку  од 50 проценти се платите со  над 132 милкони денари, по што следат капиталните средства, од која се искористени само 12 проценти од предвидените. Најголемиот дел од капиталните средства се предвидени за изградба на антенскиот столб  за контрола и мониторинг на радиофрекфенциите  на Водно и тука и се најголемиот дел на непотрошени средства, рече Горан Лазаров, проектен координатор.

Во однос на транспарентноста и отчетноста на АЕК, како што укажа, записниците на Комисијата се уште не содржат доволно детали за дискусиите и донесениоте одлуки на одржаните седници кои се затворени за јавноста. Во записниците на Комисијата само површно се опишани состојбите со изградбата на антенскиот систем на Водно, како и фазата во која се наоѓа предметот за донацијата на ЈСП Скопје за изгрдба на Панорамското тркало. Според новите законски измени, Агенцијата годинава ќе треба да префрли околу милион евра  на контото на Оперативно техничката агенција ОТА, која ќе преземе дел од надлежностите за следење на комуникациите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот