Моника Блажевска како Емили Ратајковски: Модел и дизајнерка, сама ги рекламира сопствените креации

Од моделството научив дека можам да продавам и живеам од работата што ја сакам.

Моделката Моника Блажевска на почетокот на оваа година го отвори своето модно студио и успешно почна да се занимава со дизајнерство. Инаку, Моника е сликарка и графички дизајнер, а тоа се гледа и по апликациите на креациите кои ги дизајнира.

Со моделство почнала да се занимава во младоста.

– Првото сретнување со фотоапаратот на Зоран Поповски Аверел беше пред десеттина години, сосема случајно кога јас се претставив како студент, а тој како професионалец, ни раскажува Моника и додава:

– На прв поглед ми рече: „Девојче тебе те сака камерата, повели во моето студио да фотографираме.“ Подоцна моделството ми стана хоби, а денес професија од која заработувам и ги продавам моите креации.

Минатата година Моника лансираше впечатлива колекција на костими за капење со рачно цртани апликации, па нè потсети на стилот на светски познатата моделка и креаторка Емили Ратајковски, која секогаш сама си ги реклами костимите кои ги создава. Благодарение на убавата силуета, и Моника сама ги презентираше моделите.

– Рачно цртаните костими за капење навистина внесоа уште една новина од спектарот идеи кои ги работам и по кои луѓето ме препознаваат. Драго ми е што привлеков млада, но и позрела публика. Девојки и жени кои сакаат да бидат уникатни. Ланската колекција беше лимитирана, односно беа изработени десет костими за капење кои веќе ги носат познати имиња во Македонија и надвор од неа. Оваа сезона работев само нарачки. Цртам на нивни костими за капење. Се надевам дека следната година, во поубави времиња, ќе имам нова колекција. Инаку, да, ќе се согласам дека странските модели како Емили Ратајковски веќе одамна прават колекции, сами ги рекламираат и продаваат. Кај нас допрва се надевам ќе имаме здрава конкуренција со издржани идеи, вели Моника.

Ја прашуваме нашата соговорничка што научила од моделството што сега ѝ е во полза на дизајнерството?

– Од моделството научив дека можам да продавам и живеам од работата што ја сакам. Благодарение на долгата соработка со Аверел, познавајќи ме добро, тој знае од мене да го извади најдоброто. Веќе научив кога треба да ѝ дадам сериозност на креацијата, а кога блага насмевка.

За крај, предлози од дизајнерката за летната сезона:

– За летната сезона предлагам лесни памучни и ленени парчиња облека. Светли бои, понекогаш и шарени, лелеави и широки. Свилата нека биде искористена како наметка или марама.

Фотографија: Зоран Поповски Аверел

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот